Како е Милош Земан?


Ден по изборите чешкиот претседател беше префрлен во болница на интензивна нега.  Главно прашање во чешката јавност јавност е дали тој ќе биде здравствено способен некому да му додели мандат за составување влада

 

Состојбата на претседателот е стабилна, објавија чешките медиуми на пладне. Милош Земан, претседателот на Чешката Република и неговата здравствена состојба јавноста со години ја следи внимателно. Во неделата наутро, тој го прими актуелниот премиер Андреј Бабиш во неговата резиденција во замокот Лани за да разговара со него за резултатот од парламентарните избори. Потоа брза помош го однесе 77-годишниот претседател на клиниката во Прага, каде што се наоѓа на одделот за интензивна нега. Гласачката кутија претходно беше донесена во замокот за претседателот, кој е зависен од инвалидска количка. Во Чешка сега постои зголемена загриженост дека болеста на претседателот може да го одложи формирањето влада.

Претседателот мора да го даде мандатот за формирање влада. Мандатот на актуелниот парламент истекува на 21 октомври, а новиот парламент мора да заседава 30 дена по изборите. За претседателот на Сенатот, Милош Вистрчил, се чини дека целата ситуација е премногу неизвесна, тој сега сака да направи подготовки. „Фактот дека состојбата на претседателот е стабилна, не кажува ништо за тоа дали тој може да ја извршува својата функција“, рече тој во радио интервју за Чешкото радио. Соодветната комисија на Сенатот треба да разговара следната недела како да се продолжи. Сенатот, исто така, може да го ослободи претседателот од неговите должности. „Не можеме да си дозволиме да ги парализираме државните институции“, напиша на Твитер сенаторот Здењек Храба.

Лидерот на опозицијата Петр Фијала, кој сега сака да стане нов премиер, е смирен. Има уште време да се врати претседателот. Во меѓувреме, веќе се водат интензивни разговори меѓу петте партии кои сега сакаат заедно да формираат влада. Тие веќе побараа од претседателот Земан да го прими Фијала. Меѓутоа, пред изборите, Земан постојано ја доведуваше во прашање законитоста на изборните сојузи во кои партиите настапуваат заедно. Земан рече дека тоа е „измама“ и јасно застана на страната на Бабиш. Партијата на Андреј Бабиш, АНО, како поединечна партија, всушност, доби најмногу гласови – но не може да формира мнозинство.

Бабиш сега објави дека сака да добие мандат. Тој повторно им рече на следбениците на Фејсбук дека е „апсолутно чудо“ што неговата партија АНО загуби само околу 2,5 процентни поени во споредба со 2017 година – по „сите измислици и лаги што ги ширеа за нас“. Бабиш, исто така, ги опиша „Пандорините документи“ како насочена кампања против него, во кои се сугерира дека милијардерот и претприемач перел пари со купување недвижен имот.

Сепак, сите набљудувачи се согласуваат дека Пиратската партија била жртва на кампањата за дезинформации што ја започна Бабиш. Пиратите се обврзаа рано да ги откријат финансиските работи на Бабиш и водеа во анкетите во пролетта. По изборите, сепак, наместо досегашните 22, тие сега имаат само четири места. „АНО успеа да поврзе теми со Пиратите што голем дел од населението ги сфаќа негативно – како што е миграцијата или неможноста да се бранат чешките вредности“, објаснува Алжбета Кралова од Институтот за политички маркетинг во Прага. Поточно, АНО тврдеше дека пиратите се залагаат за сместување на бегалците во домовите на локалните жители.

Дури и во посакуваниот петпартиски сојуз, позициите на Пиратите се премногу радикални за некои членови. Сојузот би имал мнозинство и без пиратите. Но, Петр Фијала јасно стави до знаење во понеделникот: „Ова не е наш пат“. (Зидојче цајтунг)