Како би можела да изгледа економската класа во авионите по корона вирусот


Додека некои авиокомпании дискутираат за отстранување на средните седишта за да се одржи физичкото растојание, една компанија за ентериер понуди неколку интересни концепти

Компаниите веќе нудат нови и иновативни концепти кои го отсликуваат сменетиот пејзаж за патувања

 

Јасно е дека летањето со авион ќе биде различно по корона вирусот. И, додека некои авиокомпании дискутираат за отстранување на средните седишта за да се одржи физичкото растојание, една компанија за ентериер на авионите понуди неколку концепти за прилагодување на делот од економска класа во воздухопловите.

Италијанските дизајнери од „Авиоинтериорс“, компанија која стои и зад идејата за стоечки авионски седишта, понуди два нови дизајни на седишта кои имаат цел да одржуваат безбедно растојание помеѓу патниците „во согласност со новите барања без тоа да биде премногу на штета на просторот во леталото.

Еве како би можело да изгледа седењето во авионите во иднина

Наречен по античкото римско божество, седиштето „Јанус“ има „две лица“ и е направено од материјали кои лесно се чистат и со кои безбедно се одржува хигиената.

Во суштина станува збор за ред со три седишта со тоа што патникот на средното седиште седи свртен на спротивната страна од оние што се наоѓаат до внатрешноста и до прозорецот, за да се обезбеди „максимална изолација помеѓу патниците кои седат едни до други“.

Покрај тоа, секое седиште е фиксирано со тристран штит изработен од провиден материјал, за да се спречи ширење на здивот помеѓу оние во соседните седишта.

Не е јасно дали намерата е со овие седишта да се пополни целиот простор, но забележливо е дека редот каде што се излезите од авионот, нема да можат да се заменат со дизајн како овој заради регулаторните барања, кои препорачуваат овие седишта да имаат најмалку 18 сантиметри дополнителен простор во случај евакуацијата да е неопходна.

Кај моделот „Јанус“, секое седиште е фиксирано со тристран штит „изработен од провиден материјал“, за да се спречи „ширење на здивот“ помеѓу оние во соседните седишта

Додека за седиштата „Јанус“ е неопходно да се реновираат постојните кабини, второто предлог решение на „Авиоинтериорс“ наречено Безбедно стакло“, може да биде поставено на повеќето стандардни седишта во авионите.

Сепак, вреди да се напомене дека тоа не се придржува до сегашните упатства за социјално оддалечување, кои бараат од нас да одржуваме растојание од приближно два метри од другите каде и да е можно.

Но, штитот има намера да воведе безбедна бариера помеѓу патниците кои седат близу едни до други, создавајќи „изолиран простор околу патникот“ за „да ја намали веројатноста за загадување од вируси“.

Второто предлог решение наречено „Безбедно стакло“ може да биде поставено на повеќето стандардни седишта во авионите

Од „Авиоинтериорс велат за Си-Ен-Ен дека авиокомпаниите веќе покажуваат интерес за двата дизајни и компанијата во моментов ги изработува прототипите на „Јанус“ и „Безбедно стакло“, како и дека ги спроведува инженерските постапки за дизајнот.

Откако ќе ги поминат сите фази на дизајнирање, тие ќе треба да бидат одобрени од регулаторите за воздухопловство. Како и да е, компанијата верува дека може да ги понуди на пазарот во рок од осум до 11 месеци, ако или кога ќе бидат одобрени.

Иако нема гаранција дека овие дизајни навистина ќе ги видиме во авионите, секако е охрабрувачки што компаниите веќе нудат нови и иновативни концепти кои го отсликуваат сменетиот пејзаж за патувања. (Си-Ен-Ен)