Како беше формирана Македонската берза: Сведоштво на Љубе Трпески

Прво беше формирана Комисијата за хартии од вредност пролетта 1992 во времето на владата на Никола Кљусев. Од таму се поплочуваше патот до Македонската берза


 

Љубе Трпески

Деновиве, Македонската берза за хартии од вредност прослави 30-годишен јубилеј. Јубилејот беше прославен свечено, со голем број гости од финансиската сфера, домашни и странски. Вработените во Берзата се потрудиле да направат филм низ кој се прикажува триесетгодишниот развој. Факт е дека Македонската берза израсна во респектирана институција не само дома, туку и во пошироките простори, на Балканот и во Европа.

Јас бев сведок и на претходните прослави на Берзата, почнувајќи од десетгодишнината, па до последнава, триесетгодишната.

На сите прослави се провлекува, покрај многуте позитивни работи, и една негативна,  занемарување на улогата на првата Комисија за хартии од вредност во формирањето на Берзата. А, таа ја имаше клучната улога во изработката на сите акти потребни за да може да се издаде дозвола за почеток на работа на Берзата.

Затоа, чувствувам потреба да образложам што сѐ направи Комисијата за да се формира Берзата, а која не беше спомената, или бегло спомената, на сите досегашни јубилејни прослави на Берзата, вклучувајќи ја и последнава.

Како и кога е формирана Комисијата за хартии од вредност?

Првиот претседател на Владата на Република Македонија, академик Никола Кљусев, ме повика да се видиме во неговиот кабинет во Владата пролетта 1992 година. На состанокот беше присутен и министерот за финансии Методија Тошевски. На тој состанок ми беше речено дека Владата решила да формира Комисија за хартии од вредност и дека се определиле јас да бидам нејзин претседател, со оглед на фактот дека имам искуство од таа област, стекнато како член на југословенската Комисија за хартии од вредност. Ми рекоа дека ми оставаат потполна слобода да ги изберам останатите членови на комисијата, водејќи сметка за нивната стручност и компетентност. Еве кој беше мој избор:

Проф. д-р Весна Пендовска и проф. д-р Владимир Кандикјан, двајцата од Правниот факултет, потоа, Љупчо Ковчегарски од Стопанската комора, Томе Неновски од НБМ, Бошко Стефановски од Заводот за платен промет и Стојче Јакимовски од Министерството за финансии.

Владата без никакви забелешки ги прифати моите предлози и Одлуката за формирање на Комисијата се објави во „Службен весник“.

На една од првите седници на Комисијата донесовме одлука да го ангажираме м-р Драгољуб Арсовски како надворешен соработник. Тоа се покажа како многу корисна одлука, бидејќи тој со својата трудољубивост и знаење, многу ни помагаше.

Подоцна и тој стана член на Комисијата.

Како членови на Комисијата за хартии од вредност, не многу долго време по формирањето, се соочивме со еден голем проблем за којшто требаше и храброст и разум да го разрешиме. Имено, за мене, сосема неочекувано, дојде едно барање до Комисијата за хартии од вредност за формирање на Берза во којашто би биле членови две банки (тогашните Комерцијална банка, Алмако банка), но и неколку претпријатија како што се „Ултра“, „Јукан“, „Пазарот на пари“ и сл.

Покрај нив, како член на Берзата би се јавила и Агенцијата за приватизација, односно во тоа време Фондот за развој. Беше јасно дека тоа барање е незаконито затоа што според постојната законска регулатива како основачи на Берза можеа да се јават само банки и други финансиски организации, а во ова барање беа присутни и претпријатија.

Меѓутоа, имајќи предвид кој сè стоеше зад ова барање, какви влијателни личности беа поврзани, ми беше јасно дека ќе наидам на сериозен отпор во моето решение да постапувам исклучиво според законот.

Покрај тоа, како член на оваа Берза, или како основач се појавуваше и Агенцијата за приватизација и ако се дозволеше, тоа ќе беше голема грешка, бидејќи Агенцијата за приватизација во Република Македонија го поседуваше најголемиот пакет на акции. Замислете како би изгледало тоа да се тргува на Берза со акции каде што еден од основачите на Берзата го поседува најголемиот пакет на акции коишто се предмет на тргување.

Тоа во светот е најстрого забрането бидејќи основачот и акционерот на берзата ги има сите внатрешни информации и можни се најразлични злоупотреби во тој поглед.

Јас ја свикав Комисијата за хартии од вредност, го разгледавме барањето и сите бевме едногласни дека барањето е противзаконито и дека треба да се издаде решение за одбивање на тоа барање.

Во меѓувреме поднесувачите на барањето дознаа за ставот на Комисијата и бевме изложени на притисок не само во лични разговори, туку отпочна и една организирана кампања преку печатот, каде што бевме оквалификувани, особено јас, како луѓе коишто се конзервативни, коишто се против воведувањето на современите облици на пазарно работење.

И покрај сите тие притисоци, не подлегнав и го потпишав решението со кое се одбива барањето. На тоа уследи жалба до Владата на Република Македонија и уште позасилен притисок и преку членовите на Владата и преку медиумите.

Според процедурата на Владата, за да дојде некое прашање на дневен ред, потребни се писмени мислења од соодветни институции, од соодветни ресорни органи. Во овој случај мислењата од Министерството за финансии и од Секретаријатот за законодавство беа клучни.

На Секретаријатот за законодавство не му беше тешко да оцени дека Комисијата за хартии од вредност правилно постапила. На седницата на Владата на којашто се разгледуваше ова прашање, бев изложен на остра критика од страна на министерот за финансии, проф. д-р Јане Миљовски, дека сум спречувал формирање на современи пазарни институции. Мене ми беше јасно дека зад сето ова барање стои министерот за финансии, но не можев да сфатам дека и покрај јасниот став на Секретаријатот за законодавство дека барањето е противзаконито, дека жалбата е неоснована. На премиерот, Бранко Црвенковски, му беше многу тешко да донесе заклучок дека жалбата се одбива. Во тоа време премиерот беше под силно влијание, или притисок, од двоецот министри Миљовски–Фрчкоски, па немаше храброст да заклучи дека жалбата се одбива. Пресудна, во тие моменти, беше дискусијата на секретарот на  Секретаријатот за законадавство Елена Поповска, која му се обрати на премиерот со зборовите: „Премиере, ако ова мислење на Секретаријатот не го почитувате, тогаш не ви треба ни Секретаријат за законодавство, ни јас како раководител на тоа тело“. После таа изјава, премиерот Црвенковски на крај мораше да изусти дека „жалбата не се прифаќа“.

Потоа, во наредните денови, го повикав британскиот амбасадор во Република Македонија, кој на првата средба со него ми рече дека сѐ што мислам оти Британија може да помогне да му се јавам, и се договоривме преку британскиот Know How Fund, да се добие техничка помош од експерти од Англија коишто заедно со членовите од Комисијата за хартии од вредност, најнапред да подготват студија, а потоа и комплетна документација за формирање на Берза. Со нивна помош се донесоа сите потребни акти и дојде денот на отворањето на Берзата.

Во просториите на Берзата, во канцеларијата на директорот Евгени Зографски, се најдовме претседателот Киро Глигоров, којшто официјално требаше да го означи почетокот на работата на Берзата, премиерот Црвенковски, п Зографски како директор на Берзата, новиот министер за финансии Таки Фити и јас. 

Проф. д-р. Љубе Трпески

 Зографски, во својство на директор на Берзата, јавно призна пред претседателот Глигоров и пред останатите присутни дека ќе се направеше голема грешка ако  се усвоеше првобитното барање за основање на Берзата. Премиерот Црвенковски ми ја пружи раката, ми честита и ми рече: „Во право беше. Ти честитам што ги издржа сите напади“. Тоа ми беше најголема сатисфакција за сите оние плукања што ги добив од нарачаните новинарски текстови, од страна на една група, на чело со министерот за финансии, која сакаше да си направи берза за свои потреби.

Почетокот на работата на Берзата, симболично со удар во ѕвоното, го означи претседателот Глигоров, а јас одржав говор пред присутните на отворањето.

***

Говорот што го одржав на свеченоста по повод отворањето ан Берзата: 

Почитувани дами и господа
Ми причинува посебно задоволство и чест што можам во името на Републичката Комисија за хартии од вредност, која ја издаде своевремено дозволата за работа на Берзата, да го поздравам овој свечен собир денес.
На 26. 11. 1991 година (повторувам 1991 година), во весникот „Нова Македонија“ објавив една статија под наслов:

ШТО СОНУВАМ А ШТО МИ СЕ СЛУЧУВА
Или
Flash business news from Macedonia

Во неа, меѓу другото имам напишано: „На Телетекстот на Македонската телевизија читам:
„Flash business news from Macedonia“ – Прометот на Скопската берза во текот на изминатата недела бележи пораст од 10 берзански индекси. Зголемената активност на берзата се должи пред сè на извонредно топло примениот говор што го одржа Претседателот на Македонија пред Генералното Собрание на Обединетите Нации.
Охридската берза на фјучерси и опции сè уште не може да заздрави од големиот „crash“ што го имаше, како резултат на аферата што ја открија контролорите на Државната Комисија за контрола на берзите.“
Шеснаесет месеци подоцна, на 08.04.1993 година, дел од мојот сон се оствари. Република Македонија беше примена во Обединетите Нации и Претседателот на Републиката одржа говор кој беше мошне топло примен во Генералното Собрание.
Другиот дел од сонот, за Берзата и берзанските индекси ми се остварува денес, 52 месеци после објавувањето на тој напис.
Јас се надевам дека и третиот дел од сонот ќе се оствари. Македонската телевизија веројатно наскоро ќе добие телетекст, па ќе можеме да читаме на него за движењето на прометот на Македонската Берза.
Веројатно ќе почекаме уште извесно време за реализирањето на делот од сонот за формирањето на берзата на фјучерси и опции, но сум сигурен дека и тој ден ќе дојде.
Дозволете ми во овој миг да бидам и емотивен. Нема посреќен човек денес во Македонија од мене, зошто мојот сон се остварува и тоа се остварува на најдобар можен начин.
Во реализацијата на тој сон помогнаа Британската Амбасада во Република Македонија, на чело со господинот Амбасадор Тони Милсен, Британскиот „Know How Fund“, со кој Комисијата за хартии од вредност разви одлична соработка, и Меѓународната консултантска куќа од Лондон, на чело со Енди Вилсон. Јас, во името на Комисијата за хартии од вредност им благодарам. Членовите на Комисијата за хартии од вредност, членовите и вработените на Берзата, сите тие предано работеа да направиме Берза според европски стандарди. И ја направивме.
Од денес, неа ја имаме. Од денес Македонија влегува во една нова ера од економското живеење.
Работата со хартии од вредност, берзанското работење е високо ризична категорија, и затоа насекаде во светот е и високо регулиран бизнис. Републичката Комисија за хартии од вредност, во својот дел од активностите ќе го следи и контролира секој чекор од работењето на Берзата,
Брокерот, како и минерот, само еднаш, може да погреши. По втор пат, нема да му биде дозволено.
Господине Зографски, Господине Ефтимовски, Господине Поповски, господа вработени на Берзата, ви посакувам успешна работа.

* * *
Министерот, проф д-р Јане Миљовски, долго време беше во органите на управување на Берзата, и на прославите, коишто беа приредени по повод десетгодишнината од почетокот на работата на Берзата, во снимениот филм за таа пригода се величаше неговата улога за основањето на Берзата, а, вистината е, дека тој беше најголемиот противник, а се миноризираше улогата на оние кои навистина беа заслужни. На коктелот приреден по повод десетгодишнината на Берзата, и приоѓам на Елена Јакимовска, тогаш заменик директор на Берзата, а нејзиниот татко, во времето кога се боревме како Комисија за хартии од вредност, Берзата да биде основана согласно позитивните законски прописи, а не спротивно на Законите, како што бараше министерот, беше член на Комисијата, а во исто време и потсекретар во Министерството за финансии и беше изложен на жестоки притисоци од Министерот за финансии, да гласа онака како сака Министерот, а не како бара законот. Ја прашувам, како можела да дозволи вакви лаги да се пласираат, кога најдобро ја знае вистината. Ги собира рамениците. Ми приоѓа Енди Вилсон, експертот со кого ги правевме сите документи за почеток на работа на Берзата, и, кој исто така имаше големи притисоци од министерот, да прифати ГГ претпријатија, како што беше „Пазарот на пари“, да бидат основачи на Берзата, и ми вели – „Што се случува господине, ова е неверојатно, како е извртена вистината“. „Очигледно, победниците ја пишуваат историјата“, му велам“ и, очигледно, ќе треба многу години, вистината да излезе на виделина“.

Мислев дека тоа ќе го исправат на прославата на дваесетгодишнината од основањето на Берзата. Очигледно, се излажав. Повторно, се надевав , дека на триестегодишнината од Јубилејот, Раководството на Берзата ќе смогне сили да оддаде признание на членовите на Првата Комисија за хартии од вредност. Не се случи.

Што ми останува мене?

Мене ми остана само перото да придонесам да се дознае вистината за патешествието на основањето на Берзата.

Меѓутоа, не е само Берзата на која и се случуваат вакви пропусти.
Еве уште еден пример:

На прославата на триесетгодишниот јубилеј од формирањето на Републичката Комисија за хартии од вредност, во говорот, што го одржа тогашната Претседателка на Комисијата, Нора Алити, изнесе неточни податоци за тоа кога почнала Комисијата со одржување курсеви за брокери, припишувајќи си заслуги дека Комисијата ги организирала кога она била избрана за претседател на Комисијата.

Јас ја слушам и не верувам како пред мои очи, во мое присуство се изговараат такви неточности. Но што се случи?

Во поздравниот говор, што го одржа , непосредно после неа, тогашниот премиер Димитар Ковачевски, тој рече: Пред да го прочитам она што ми го напишала, службата, да ѝ укажам на претседателката Алити, дека првите курсеви за брокери беа организирани од Комисијата предводена од професорот Трпески. Тој е овде, присутен, и верувам се чуди на Вашите зборови. И јас имам сертификат за брокер потпишан од професорот Трпески. И еден друг премиер има добиено сертификат за положен брокерски испит, со потпис од професорот Трпески.

Ако мислите дека претседателката Алити се извини за изнесените неточности се лажете.

И уште еден случај, и ќе завршам:

На триесет годишниот јубилеј од монетарното осамостојување, во Нумизматичкиот музеј на НБРМ, покрај двајца, сеуште живи членови од петчлената Комисија за монетарно осамостојување (Борко Станоевски, Љубе Трпески), (Академиците Богоев и Кљусев и Методија Тошевски, за жал не се меѓу живите), Тогашното раководство на НБРМ го повика говор да држи академикот Беџети, кој апсолутно немаше никаков допир со Проектот монетарно осамостојување. Многумина, на тој собир ми пријдоа со прашањето: „Професоре што се случува? Зашто, Гувернерката, не се одлучила Вие, или г. Станоевски, да се обратите како членови на петчлената Комисија за монетарно осамостојување?“

Мојот одговор на трите примери кои ги изложив е познатата мисла на еден писател:
„Сето тоа народот ќе го позлати“.