Каевски: Демократска култура беше присуството на Зечевиќ на партиската промоција на Арсовска

„Првенствено, демократска култура е кога ќе добиете покана, да присуствувате на одреден настан, на одредена политичка партија, но да ставите етикета дека актуелната градоначалничка на Град Скопје Данела Арсовска е во некаква коалиција или се одлепила од ВМРО – ДПМНЕ е неприфатливо. Со оглед на тоа дека Град Скопје има преку 300 членови на Управен одбор и речиси сите се членови или симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот совет има апсолутно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на советот доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ и ДПМНЕ беше партијата која што ја промовираше неа како градоначалник, па потоа се искараа заради рацете во медот и одредени работи кои што ги слушнавме во јавноста, и сега после одреден период да се обидувате да се амнестирате и да кажете дека не била кандидатка предложена од ДПМНЕ, мислам дека е неприфатливо,“ рече Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ во 24 Анализа на ТВ 24,“ за присуството на генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ на конвенцијата на партијата на Арсовска, Нова алтернатива.
Каевски посочи дека сето тоа се прави со цел да се направи еден спин и да се избегне од она што реално се случува и во Град Скопје и во сите општини на територија на Град Скопје и сите општини каде што градоначалник е ВМРО-ДПМНЕ.
„Неспособност, безидејност и општини каде што немаме ниту еден сериозен капитален проект реализирано и сега ДПМНЕ се обидуваат на вакви и слични работи да стават дефукус на она што се случува. Но, главното е дека градоначалниците од редовите на ДПМНЕ тотално разочараа секаде каде што делуваат, освен рацете во медот.
Тој се осврна и на последните случаи на купени машини од општините Велес и Битола и нивниот напад дека и дека од Општина Центар е купена таква машина.
„Општина Центар таква машина набавила за 826.590 денари, а во Општина Битола истата машина е набавена за 2.950.000 денари или четири пати поскапо. Градоначалниците на ДПМНЕ освен рачињата во медот, ништо друго не знаат,“ рече Каевски.
Арсовска во врска со присуството на генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ на конвенцијата на која таа беше промовирана како нов претседател на Нова Алтернатива, посочи дека покана била пратена до сите политички партии.
-Покана за присуство на конвенцијата беше пратена до сите политички партии, што е и досегашна пракса. Да дојдеше и секретарот на ВМРО-ДПМНЕ ќе седеше во првиот ред, рече вечерва Арсовска во нејзиното гостување во „Само Интервју“ на Канал 5.
Од ВМРО-ДПМНЕ на оваа случна реагираа со рафални навреди кон Арсовска, нарекувајќи ја изведувач на проектот на Зечевиќ.
-Површните знаења на Арсовска освен во фактот што не си ја знае сопствената програма, се гледа и во леснотијата со која таа стана изведувач на проектот на Зечевиќ за формирање на Нова СДС водена од Арсовска.Намената на овој проект на Зечевиќ е да се напаѓа ВМРО-ДПМНЕ, да се прават опструкции врз градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, да се занимава јавноста со лудоста и пердувите на Арсовска, наместо за вистинските афери и проблеми на граѓаните, што само говори за нервозата и стравот на СДС, Ковачевски и Зечевиќ, оценија од ВМРО-ДПМНЕ.