Кадровските промени во СДСМ и натаму во фокусот на ВМРО-ДПМНЕ, ниту Трајановски не им е воља


Фото: Б. Грданоски

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и натаму продолжува да се бави со кадровските промени на опозициската СДСМ, овој пат со назначувањето на Александар Трајановски за потпретседател на партијата. Исто така, повторно побараа оставка од Венко Филипче.

Како што наведува ВМРО-ДПМНЕ во соопштение, најавите на Венко Филипче за промени во партијата засега почнаа и завршија со неговиот партиски другар, Александар Трајановски.

„Од најавите за нови кадри и реформи на Филипче не бидна ништо, тешко и дека ќе бидне, бидејќи следејќи ги настаните во партијата сè се врти по тоа како диктира Зоран Заев“, се вели во соопштението при што се додава дека „Трајановски не е промена и реформа за СДС. Промена и реформа единствено е оставка на Филипче и тргање на партијата од диктатот на Заев“.

Од СДСМ веќе порачаа дека ВМРО-ДПМНЕ има многу посуштински работи со кои што трба да се занимава од кадровската политика на СДСм.

„ВМРО-ДПМНЕ треба да им даде одговорите на граѓаните за сите оние скандали коишто ги објавивме досега и допрва ќе ги објавуваме. ВМРО-ДПМНЕ треба да размислува за реформите и во нивната партија и во Владата, треба да размислуваат за потребите на граѓаните коишто ги ветија, а не ги испорачуваат, наместо да се занимаваат со СДСМ“, велат од опозициската партија, додавајќи дека сите информации кои што се „штанцаат“ од Белата палата се токму тоа — дефокусирање на јавноста за тоа што го работи, односно не го работи Владата, и од сите скандали коишто се досега објавени.