Каде ќе има свечености по повод Илинден
Претседателот Стево Пендаровски е во Пелинце и „Прохор Пчињски“, спикерот Талат Џафери во Крушево, а премиерот Ковачевски во Скопје
На 2 Август- Денот на Републиката – Илинден, што годинава се чествува под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“, претседателот Стево Пендаровски ќе се обрати во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, претседателот на Собранието Талат Џафери на Мечкин Камен во Крушево, додека премиерот Димитар Ковачевски ќе биде на свеченоста на тврдината Кале во Скопје.
Во Крушево, синоќа, традиционално, во организација на НКС „Десет дена Крушевска Република“ се отвори истоимената манифестација која ги претставува културата, традицијата и историјата на Крушево, пред нашите граѓани, а на отворањето се обрати премиерот Ковачевски.
Според најавата, денека во 8,30 часот владина делегација во чиј состав се министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ ќе положат цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ во Скопје, на споменикот на Никола Карев пред Собранието, како и на спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто на Градскиот плоштад.
Свечената манифестација во Скопје, продолжува на тврдината Кале во Скопје, во 9:30 часот, каде по положувањето цвеќе пред споменикот на слободата „Сила, слава и победа“, ќе се обрати Ковачевски, по што ќе следи културно-уметничка програма. Ковачевски таму ја предводи владината делегација во чиј состав се првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Од Владата информираат дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, предводејќи државна делегација со државни почести и чествувања ќе го одбележи големиот национален празник Илинден во Крушево.
Од 10 часот, со присуство на панихидата за загинатите Илинденци во црквата „Св. Никола“, на владината делегација и со положување цвеќе на споменикот на Мечкин Камен продолжува церемонијата во чест на националниот празник, по што на Мечкин Kамен во 11:30 часот, започнува манифестацијата на која ќе се обрати претседателот на Собранието, Џафери.
Пендаровски ќе положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот Прохор Пчински, во 12 часот, а ќе биде пречекан од претседателот на Србија, Александар Вучиќ и ќе остварат билатерална средба.
Во чест на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија – АСНОМ, пред споменикот на АСНОМ, ќе биде положено свежо цвеќе, по што претседателот Пендаровски, ќе се обрати и следува организирана културно-уметничка програма.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во рамки на одбележувањето на националниот и државен празник Илинден ќе предводи висока партиска делегација во Крушево. Делегација на ВМРО-ДПМНЕ ќе положи свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, претседател на Крушевската Република.