Каде исчезна рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу?

Додека руската инвазија на Украина е закочена, има сѐ повеќе извештаи дека Владимир Путин е гневен на неговите најблиски соработници


Владимир Путин и Сергеј Шојгу

 

Руската инвазија на Украина денеска изгледа дека беше втурната во подлабока криза поради извештаите оти рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу исчезнал од јавноста поради „срцеви проблеми“.

Не е виден 12 дена, а на телевизија се прикажуваат стари снимки и слики од него, велат во опозициските медиуми.

Тоа доаѓа откако беше откриено дека Путин започнал „лов на вештерки“ меѓу својот поблизок круг и бил претпазлив кон блиските соработници откако САД и Велика Британија добиле протечени информации за неговите воени планови.

Британските медиуми пишуваат дека меѓу оние што, наводно, предизвикуваат сомнеж е и Шојгу, кој е одговорен за крвавата воена операција во Украина, за која се верува дека довела до повеќе од 10.000 убиени војници и масовна смрт на цивили.

Неговите јавни настапи беа значително намалени во изминатата недела, а неговата помлада ќерка Ксенија (31) беше видена како позира во украинските бои на сина и жолта.

На 18 март, 66-годишниот Шојгу беше спомнат во извештај на веб-страницата на Кремљ дека тој и Путин разговарале за „напредокот на специјалната операција во Украина“ со постојаните членови на Советот за безбедност. Но, видеа и слики не беа прикажани.

Истиот ден, телевизијата Канал 1 емитуваше сторија за Шојгу како доделува признанија, но сликата користена со извештајот беше истата онаа што беше прикажана на 11 март.

Претходно во војната тој беше повидлив и често цитиран. Неговиот круг соопшти дека не е добро – со срцеви проблеми, изјави за истражувачката страница „Агентство“ извор близок до министерот.

Шојгу се смета за еден од најблиските и најлојалните сојузници на Путин.

Ксенија (31), ќерката на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, објави видео на кое таа и нејзината шестмесечна ќерка носат бои на знамето на Украина

Сепак, се појавија тензии околу водењето на војната со него и со другите водечки армиски и безбедносни началници.

Во јуни минатата година, неговата сестра Лариса Шојгу (68) почина од ковид.

Рускиот претседател бара „виновници“ зад неговата запрена инвазија на Украина и се вели дека е „гневен“ затоа што САД и Велика Британија се запознаени со воените тактики на Москва.

Изворите рекоа дека протекувањето информации, кои Лондон и Вашингтон ги пренеле до Киев, биле посочени како причина што главните руски генерали и елитните сили биле толку ефективна цел во Украина.

Изворите велат дека Путин приватно го дистанцирал и долгогодишниот сојузник Александар Бортников, шеф на тајната служба ФСБ, и почнал да биде нетрпелив на состаноците со Валери Герасимов, началник на рускиот Генералштаб. За Бортников се зборуваше дека може да стане е лидер доколку Путин случајно падне во државен удар.

Друга цел на гневот на Путин бил Игор Костјуков, заменик-началникот на Генералштабот на вооружените сили, кој може да се соочи со неизбежна смена како дел од поширока чистка.

Претходно, пред инвазијата, тој јавно го понижи шефот на надворешното разузнавање, Сергеј Наришкин.

Но, Путин, наводно, е повеќе загрижен за загубите на воениот хардвер – за што го обвини Герасимов – отколку за повеќе жртви на бојното поле.

Бројката од 50.000 би била „ништо во споредба со целите што ќе се постигнат по победата“, се вели дека им рекол тој на своите команданти.

Некои веруваат дека тој планира договор што ќе го продаде како украинско „предавање“ и „парада на победата“ во Москва на почетокот на мај.

„Тој е гневен што разузнавачките служби на САД и Велика Британија се чини дека постојано ги знаат следните потези на руската армија, почнувајќи со предвидување на инвазијата пред да биде подготвен да ја признае“, рече еден извор.

Загубата на дузина генерали и полковници се смета за поврзана со овие протекувања за реалното време на руските воени операции.

Путин, наводно, бил гневен и на началникот на рускиот Генералштаб, Валери Герасимов

Рускиот безбедносен експерт Андреј Солдатов рече дека военото контраразузнавање го испитува одделот за безбедносна служба на ФСБ.

„Тоа би можело да значи дека, конечно, луѓето во Москва почнаа да се прашуваат зошто американското разузнавање е толку прецизно“, изјави тој за „Њујоркер“.

„Военото контраразузнавање главно се занимава со лов на кртови, со идентификување на изворите на протекување. Значи, изгледа дека Путин сега се лути, не само поради лошите разузнавачки информации и лошите перформанси во Украина, туку и поради изворите на американското разузнавање за инвазијата, и зошто американското разузнавање беше толку добро пред инвазијата и зошто Американците знаеја толку многу работи за тоа што доаѓа“, рече Солдатов.

Тој, исто така, верува дека Путин ги обвинува своите потчинети за „недостигот на народната поддршка во Украина за руските трупи“ и дека очекувал од локалните жители да го поздрават доаѓањето на напаѓачите.

Солдатов вели дека врвните луѓе на Путин сѐ уште се премногу исплашени да му ја кажат вистината.

„Имате толку многу луѓе сега во затвор, дури и луѓе од ФСБ. Значи, може да се прашувате, од гледна точка на воен генерал, дали е навистина безбедно да му се каже на Путин нешто што не би го сакал што би направиле? Мислам дека тоа е голем предизвик за нив“, нагласува Солдатов.

Тоа претпоставува дека климата на страв околу разузнавачките информации за размерите на веројатниот отпор на Украина кон руските напаѓачи биле скриени од Путин.

Но Солдатов не очекува потег на неговиот близок круг да го соборат, па дури и да го убијат Путин, и покрај зголемениот непријателски третман со кој се соочуваат.

„Мислам дека сега Путин не е во никаква опасност“, изјави тој за ЗДФ во Германија. „Тој има две безбедносни служби, кои се првенствено одговорни да обезбедат ништо да не му се случи лично на Путин. Знаеме дека тој самиот е поранешен разузнавач, кој ги разбира различните ризици. Тој често тврди дека успешно преживеал од 12 до 13 обиди за атентат врз неговиот живот. Во оваа смисла, сè е безбедно за него“, оценува Андреј Солдатов. (Според агенциите)