Каде беше Изет Меџити кога Скопје мирисаше на отров, прашува ДУИ 


Фото: Б. Грданоски

 
Отсуството од јавноста на вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, во време кога во скопско Трубарево гореше исклучително отровен пожар предизвика многу негативни реакции во јавноста. ДУИ тоа го искористи да го осуди министерот за животна средина дека му бил поважен партиски настан отколку здравјето на граѓаните.

„Додека воздухот во Скопје синоќа мирисаше на отров, Изет Меџити, кој очигледно заборавил дека е министер за животна средина, не кажа ниту збор. Не излезе пред јавноста, не даде препораки, не понуди информации, не упати ниту еден апел.

Во време кога Скопје мирисаше на изгорена пластика, батерии и електронски отпад, кога граѓаните стравуваа за своето здравје, на Изет Меџити му беше најважно да пренесува во живо партиски настан во Чаир, како ништо да не се случува.

Го прашуваме: зошто избегавте од вонредната прес-конференција додека луѓето од Трубарево се евакуираа доцна во ноќта? Имате ли грам одговорност за позицијата што ви е доверена?“, реагираат од ДУИ.

Од партијата нагласуваат дека граѓаните не треба да биле изненадени таквото однесување, затоа што „Меџити 20 години во Чаир имаше само лични интереси, а никогаш вистинска грижа за потребите на граѓаните.

Како што вчера не мрдна со прст да помогне и да покаже дека е лидер и одговорен политичар, така и изминатите две децении во Чаир бегаше од проблемите и ги тераше своите бизнис-интереси“.