Кадар на Тошковски го пуштил Груби да избега во Косово, тврди СДСМ
Човекот кој го пропуштил поранешниот вицепремиер Артан Груби е личен избор на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за таа позиција, рече денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска. Според неа, полицијата не си ја завршила работата, бидејќи потфрлила контролата на Блаце поставена кај кружниот тек три дена пред бегството.
„Целосно потфрлила контролата на Блаце поставена на кружниот тек, три дена пред бегството. Зошто Тошковски молчи дека тие полицајци немале насока и не знаеле кого треба да чекаат и проверуваат и дали се намерно оставени без никаква насока и со тоа не знаеле каква контрола треба да направат“, праша Кузеска.
За еден од двајцата полицајци на Блаце, за кои вчера Министерството за внатрешни работи соопшти дека ќе бидат суспендирани, Кузеска рече е „службеник кој е поставен на таа позиција откако Тошковски станува министер“.
„Едното од лицата, лицето Б.Ј. чиј идентитет засега нема да го откриеме, е внимавајте, службеник кој е поставен на таа позиција откако Тошковски станува министер. Значи по налог на Тошковски, Б.Ј е прераспределен на позиција контрола на граничен премин иако претходно извршувал друга работна задача неповрзана со контролата на граничните премини. Ова значи дека човекот кој го има пропуштено Груби е негов личен избор за таа позиција. Го прашуваме Тошковски, дали е вистина дека токму за да може да врши вакви дејствија Б.Ј е поставен на оваа позиција“, рече Кузеска.
Истиот ден, вели, откако Груби преминал преку граничниот премин, полицаецот земал боледување, а со тоа, според неа, не може да биде суспендиран.
„МВР вчера соопшти дека се изречени суспензии за двајцата полицајаци. Но, внимавајте што се случува, полицаецот Б.Ј истиот ден откако го пропуштил Груби земал боледување. Со тоа, де факто не може да биде суспендиран се додека му трае боледувањето. Зошто Тошковски лаже дека се суспендирани кога тоа не е направено, дали сака да го заштити или пак чека да се забошоти целата ситуација“, праша Кузеска.