Јунајтед ерлајнс откри проблеми со вратите на Боинг 737 Макс 9, завртките не биле доволно затегнати


 Компанијата Јунајтед ерлајнс денеска објави дека при проверка открила дека на голем број од нејзиниот Боинг 737 Mакс 9, вратите не биле доволно добро прицврстени.

-На пример, на завртките им е потребно дополнително затегнување, се вели во соопштението на Јунајтед, кој ја спроведе проверката по налог на американскиот регулатор ФАА.

По застрашувачкото изместување на вратата под притисок на средината на летот и принудното враќање на авионот на Алјаска ерлајнс на аеродромот во Портланд, ФАА привремено ги приземји авионите на Боинг 737 Mакс 9 за безбедносни тестови.

Одлуката на ФАА ја прифати и Европската агенција за воздухопловна безбедност (ЕАСА), која истовремено нагласи дека превозниците од земјите-членки на ЕУ не ги користат овие авиони.

Пред речиси пет години, регулаторите ширум светот ги повлекоа од употреба сите авиони 737 Mакс на Боинг по двете несреќи во кои загинаа 346 луѓе.

Во моментов, светските авиопревозници оперираат со околу 215 авиони Боинг 737 Макс 9, според податоците на фирмата за воздушна аналитика Сириус, а околу 170 од нив имаат врати како онаа што падна на сред лет на авион на Алјаска ерлајнс во саботата.

Другите модели имаат различен тип на врата за бегство.

Британската управа за цивилно воздухопловство во саботата извести дека нема авиони регистрирани во Велика Британија кои подлежат на директивата на ФАА.

Таа додаде дека од сите оператори на авиони 737 Макс 9 кои ќе влезат во британскиот воздушен простор ќе биде побарано да ја почитуваат наредбата на американскиот регулатор.

Кинескиот регулатор побара детали за инцидентот, изјави во саботата извор запознаен со ова прашање. Блумберг претходно објави дека Кина се уште не одлучила дали ќе преземе акција.

Бразилскиот регулатор во неделата објави дека одлуката на американската ФАА автоматски се применува на сите летови во Бразил.

Тој исто така истакна дека само Копа ерлајнс користи авиони од овој тип на меѓународни летови на рутата до аеродромот Гуарулос во Сао Паоло.

Транспорт Канада во неделата објави дека канадските превозници не управуваат со авионот Боинг 737 Макс 9.

Регулаторот на Обединетите Арапски Емирати во неделата нагласи дека ниту еден од нивните национални превозници не управува со авиони погодени од наредбата на американскиот регулатор.

Индиската управа за цивилно воздухопловство вчера соопшти дека авионите на Боинг 737 Макс 8 го „положиле“ тестот.

Тие исто така истакнаа дека ниту еден индиски превозник не управува со 737 Mакс 9.

Алјаска Ерлајнс во саботата ги приземји сите 65 авиони Mакс 9, а по пропишаните проверки и работи за одржување, 18 од нив врати во сообраќај.

Во неделата, сепак, тие откажаа 170 летови и уште 60 вчера, по наредба на ФАА.

Меѓу американските превозници, Боинг 737 Макс 9 сè уште го користи само Јунајтед ерлајнс, кој во саботата привремено ги прекина сите свои летови заради проверка. Во неделата тој откажа 230 летови.

На крајот на септември, Јунајтед имаше 26 авиони Боинг Макс 9 во својата флота, но ги користи во две различни конфигурации.