Како зборуваше Латинка Перовиќ | ЖЕНАТА КОЈА ОБЕЛЕЖА ЦЕЛА ЕДНА ЕРА (2)
Југославија како проширена Србија
Србите, како млад потентен народ со ореол на победата и особено големи жртви во Првата светска војна, ја немаа способноста за договарање како што ја имаа Хрватите во рамките на Австро-Унгарија, туку настапуваа од позиција на диктат
Латинка Перовиќ, која почина на 12 декември 2022 година на 89 години, е последната, така да се рече „сфинга“ на југословенската и српската политика. Историчарка по професија на почетокот од 1970-тите заедно со Марко Никезиќ беа на чело на Сојузот на комунистите на Србија за по само неколку години да бидат брутално отсранети од Јосип Броз Тито и српските тврдокорни структури по обвинување за либерализам. Тие мораа да заминат како што заминаа и Савка Дапчевиќ-Кучар и Мика Трипало, предводниците на Хрватската пролет. Во Македонија тоа им се случи на Крсте Црвенковски и Славко Милосавлевски.
На Шестиот конгрес на Сојузот на комунистите на Србија, во ноември 1968 година, беше избрана за секретар на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Србија со само 35 години со што стана најблизок соработник на претседателот на ЦК СКС, Марко Никезиќ.
За целото време кога работеше во политичката елита, особено во 1971 и 1972 година, таа беше осомничена за антисоветизам и западњаштвои оспорувана за нејзиното противење на репресивни мерки, а особено за дијалогот што го водеше со критички ориентирани интелектуалци од Српското книжевно друштво. Поради неприфаќањето на конзервативниот курс на Тито во 1972 година и либералниот однос кон неистомислениците и медиумите, Марко Никезиќ и Латинка Перовиќ беа политички стигматизирани за време на четиридневните разговори со раководството на партијата и поднесоа неотповиклива оставка во октомври на истата година. Две години подоцна е исклучена од СКЈ, по неколкучасовно испрашување пред Комисијата на ЦК, каде што одби да прифати вина („самокритика“) за нејзината работа како секретарка на ЦК на СКС.
Откако беше исфрлена од јавниот и политичкиот живот и во текот на повеќегодишната медиумска кампања против неа, таа се посвети на научната работа. Докторираше во 1975 година на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Белград. Истата година се вработува во Институтот за историја на работничкото движење, подоцна Институт за поновата историја на Србија. До 1983 година ѝ беше забрането да објавува трудови. Објави 22 монографии.
За време на постјугословенските војни, таа беше една од најистакнатите критичари на големосрпскиот национализам и воената политика. Таа не ја бараше основната причина за спуштањето во варварство, злосторства и омраза во личните носителите на моќ, туку во длабоките структурни проблеми на општеството. „Никогаш не ја објаснував Србија со Милошевиќ, туку Милошевиќ со Србија“, рече таа.
Таа не се сомневаше дека Србите се најмногу виновни за распадот на сојузната држава. Колективната недоверба во демократските процедури зад кои уставот со своите ограничувања на волјата на мнозинството се криеше грижата за судбината на луѓето кои ќе останат малцинство во новоформираните држави по распадот на Југославија. Србите како да се плашеа дека другите ќе се однесуваат кон српското малцинство онака како што тие, односно самите Срби, планираа да се однесуваат кон малцинствата во Србија.
Нејзините зборови силно одекнуваа на просторите на поранешната држава која се распадна. Анализите на Латинка Перовиќ беа брилјантни, остри и лишени од секаква патетика. Денешните настани таа ги објаснуваше на свој начин со случувањата во минатото, во 19. и 20. век. Во неколку продолженија ќе објавиме интервјуа на Латинка Перовиќ дадени во последниве 6-7 години. Тоа се неверојатни анализи собрани од еден исклучителен ум.
Овој фељтон го почнавме со подолгото интервју што Латинка Перовиќ му го даде на Драган Штављанин, уредник на надворешната рубрика на Балканскиот сервис на Радио Слободна Европа во 2018 година. Многу работи од оние што се случуваат денес ќе ви бидат појасни од историската анализа на Латинка Перовиќ.
* * * * *
Со оглед на времето, нема да имаме многу можности да зборуваме за конкретни настани, освен за неколку кои се многу важни за разбирање што се случило тогаш и подоцна. Пред сѐ мислам на познатиот таен Лондонски договор од 1915 година, со кој западните сојузници наводно ѝ понудиле територијална експанзија на Италија на сметка на Хрватска и Словенија, а Србија би се задоволила со добивањето на Босна и Херцеговина и делови од Хрватска. Никола Пашиќ го одби. Нема многу информации за тој документ, кој Ленин го објави по победата на Октомвриската револуција како пример за непринципиелни договори на големите сили, а исто така падна во заборав по објавувањето на 14-те точки на американскиот претседател Вудро Вилсон, во кои се залага за правото на народите на самоопределување. Во предвечерието на распадот на Југославија, речиси еден век подоцна, српските национални идеолози, како што е Добрица Ќосиќ, тоа го споменуваат како најголема српска грешка на 20. век.
Знаете што, Лондонскиот договор и „неуспехот“ на Никола Пашиќ и српската влада во врска со него беше многу искористен во таа идеолошко-политичка подготовка за војната во 90-тите. Но, во историската наука тоа прашање го изнесе на чистина, пред сè, покојниот Ѓорѓе Станковиќ, кој посвети неколку книги на создавањето на Југославија и особено на улогата на Никола Пашиќ во тоа, а потоа на новите контроверзии одговори колешката Љубинка Трговчевиќ. Тој договор всушност никогаш не бил ставен на маса и не ѝ бил понуден на српската влада, а прашање е дали таа би го прифатила со оглед на нејзините воени цели и состојбата на фронтовите.
Тој концепт, кој го лансираше Илирското движење предводено од Људевит Гај, се засноваше на премисата дека јужнословенските народи имаат исто потекло, зборуваат различни варијанти на ист јазик и имаат „природно право“ на независност и сопствена држава. Меѓутоа, таа основна идеја се појавуваше во различни форми, самиот концепт на југословенството беше флуиден и имаше различни значења за различни народи – така што неговиот најголем придонес за формирање на крајот на мултинационална Југославија беше пред сè и донекаде иронично резултат на прифаќањето и адаптација на конкурентни национални идеи и програми кои беа повеќе во согласност со претходните протонационални идеи – српски, хрватски и словенечки.
За многу Срби Југославија значеше или Голема Србија под друго име или, во најмала рака, ефикасен начин за обединување на сите Срби во една држава. Во исто време, и во Хрватска и Словенија, Југославија ја сметаа за проширена Србија.
Од друга страна, Словенците и Хрватите да се заштитат од австроунгарската и италијанската доминација и губење на територија, но само под претпоставка дека ќе бидат рамноправни во таа нова држава, поради што Србите ги обвинуваа дека за нив Југославија е само преодна творба кон создавање на национални држави . Дали овие речиси непомирливи позиции навестуваа што ќе се случи 73 години подоцна – поточно распаѓање на заедничката држава?
Колку протагонистите на југословенската идеја меѓу сите три народи искрено веруваа во заедничка држава?
Мислам дека точно го дефинирате тој клучен проблем што ја одреди судбината на Југославија како Кралство, а подоцна и како Република. Се враќам на гледиштето дека југословенските народи не се познаваа, тоа е фазата пред почетокот на Првата светска војна, пред формулирањето на програмата за создавање на заедничка држава, односно ослободување, како се вели во Крфската декларација. И Русија веќе тогаш го сфаќаше тоа како создавање на голема Србија. Штотуку излезе од печат книга за Првата светска војна – како дел од заедничкиот проект на српски и руски историчари – во која се јасни тие цели на српската влада во Ниш, кои се дефинирани како проширување и создавање на Голема Србија.
Значи, сигурно имало различни очекувања и тој обид да се објасни со што секој од народите влегол во Југославија е многу важен за разбирање на односите што се јавуваат во неа. Од една страна ја имате српската држава која е создадена на преминот од 19 и 20 век, ја имате српската војска на страната на победниците во Првата светска војна, монархијата, имате симпатии за борбата на Србија меѓу сите јужнословенски народи. Тука е и односот на силите во населението, во кое Србите немаат апсолутно мнозинство, туку тие се мнозински народ, постои национална идеологија во чиј центар е ослободување и обединување на српскиот народ. Тоа се предности кои не се испуштаат лесно во историјата. Со тој инструментариум, политички, историски, воен, Србија влезе во Југославија.
Првиот устав во Кралството СХС од 1921 беше неговиот последен демократски чин. При предлагањето на уставот имаше многу иницијативи и немаше ниту еден проект што ја доведуваше во прашање самата југословенска држава. Но на крајот тој устав беше изгласан со неквалификувано мнозинство поради отсуството на хрватскиот претставници во Народното собрание. Во суштина, ова ја направи првата Југославија нелегитимна држава за целото нејзино постоење
Од друга страна, има делови од Јужните Словени во Австро-Унгарија кои веќе учествувале во работата на Саборот, имаа свои политички претставници и зборуваа за конфедерализација на ова царство. Тука е и одлуката на Вилсон за правото на народите на самоопределување, за распаѓање на Австро-Унгарија. Овие народи се загрозени од Италија, а таа одлука за создавање заедничка држава е многу повеќе резултат на воените услови во тоа време отколку на ослободителните стремежи на јужнословенските народи. Затоа мислам дека две работи се важни во нашите проучувања: со што секој од народите влегува во Југославија, а од друга страна, тие народи во таа земја допрва ги откриваат своите посебни интереси и никој не е подготвен да го изгуби она што го имаше пред Првата светска војна.
Во прашање е нерамноправен однос меѓу Србија, која како суверена држава се бореше на страната на силите на Големата Антанта и другите јужнословенски народи во рамките на поразената Австро-унгарска империја.
Па, тоа се различни историски позиции и историски интереси. Тоа не значи дека тие моментални интереси, кои ѝ одеа во прилог на српската влада и елитата – беа основа за долгорочно осмислување на Југославија. Како што се зборуваше, „Југославија е полесно да се замисли отколку да се реализира“, бидејќи сложеноста со која се најдоа народите во неа беше преголема и комплицирана, и на неа беше одговорено така што таа сложеност не водеше кон хармонизација на односите, туку кон конфликти.
Своевремено изјавивте дека српската политичка и интелектуална елита немала искуство од сложена држава. По Балканските војни, Србија се прошири на Македонија и Косово, третирајќи го тоа како ослободување, додека пред сѐАлбанците тоа го гледаа како чин на освојување. Српските власти воведоавоена управа на овие територии. Значи, тие немаа искуство како во толку комплексна држава со другите да воспостават консензуално владеење коешто нема да предизвика толку многу потреси.
Па, така зборуваше и Слободан Јовановиќ (истакнат српски интелектуалец, а подоцна и претседател на владата на Кралството Југославија во егзил за време на Втората светска војна). Србите имаа своја држава, своја влада, беа хомогени со 90 проценти од православно население пред територијалното проширување во балканските војни и и Првата светска војна.
Значи, тие го немаа тој систем и искуство на преговарање и спогодување како Хрватите во Австро-Унгарија. Србите, како млад потентен народ со ореол на победата и особено големи жртви во Првата светска војна, ја немаа таа способност за договарање, туку настапуваа од позиција на диктат. Меѓутоа, ако се вратите на периодот на создавање на првиот устав во Кралството (Видовденскиот 1921 г.), ќе видите дека тоа беше неговиот последен демократски чин. При предлагањето на уставот имаше многу иницијативи и, всушност, нема ниту еден проект што ја доведуваше во прашање самата југословенска држава. Меѓутоа, во многу од тие концепции се поставуваше прашањето каква треба да биде таа држава.
Тоа значи од централизирана, унитарна држава, која беше идеалот и целта и на политичката и на интелектуалната елита во Србија – до федерални, конфедерални концепции, за на крајот тој устав да биде изгласан со неквалификувано мнозинство поради отсуството на хрватскиот претставници во Народното собрание. Во суштина, ова ја направи првата Југославија нелегитимна држава за целото нејзино постоење. Тоа е многу проитвречна држава и ако, како што сега се враќаме на проучувањето на првата Југославија, се отстранат оние површински слоеви во толкувањата кои можат да се објаснат бидејќи државата штотуку се консолидираше и излегуваше од војната, таа соединуваше народи кои живееја во различни државни рамки.
Премногу сложена за да се хармонизираат спротивните интереси.
Тоа е добра формулација, премногу сложена, со мало искуство, со голема претензии, со верување дека Србите го прошируваат просторот на својата држава и создаваат своја држава. Имате одлична книга од професорот Сима Ќирковиќ „Србите како европска нација“, каде што тој докажува дека преку примената на законодавството, всушност, таа држава во Србија се перцепира како проширена Србија. (Продолжува)