Јубилејна 50та изведба на детската претстава „Чек-ин пред зграда“

Детската театарска претстава „Чек-ин пред зграда“ ќе ја има својата 50та изведба на 27 мај во кино Фросина во Младински Културен Центар. Почетокот е закажан за 19 часот.

Претставата ја разработува темата дека модернизацијата, технологијата, интернетот и социјалните мрежи се неизбежна алка од времето во кое живееме.

Несомнено зависноста од технологија, интернет и социјални мрежи кај младите е на високо ниво, а нивната заинтересираност за игри со другарите пред зграда, физичка активност и квалитетно поминато време без технологија е сè помала. Со оваа проблематика се занимава претставата „Чек-ин пред зграда“ која има за цел преку разни ситуации, на близок и разбирлив јазик за деца и млади, да го согледаат влијанието од постојано користење на социјални мрежи и да се поттикне развивање на социјална интелигенција, препознавање на лошите ефекти од постојаното користење на технологија, запознавање со детски игри и посветување на вистинските животни вредности.

Претставата е во продукција на Александра Никифоровски – Булфрогс Продукција, во соработка со Здружението за уметнички и едукативни вредности – Дрим Фактори, режијата е колективна, а во неа играат Мики Анчевски, Марија Ѓорѓијовска, Емра Куртишова и Бојан Лазаров.

– Благодарение на поддршката која пристигна од повеќе институции, со претставата „Чек-ин пред зграда“ посетивме многу училишта и градинки во повеќе градови, имавме 49 изведби и истата имаа можност да ја гледаат над 8,000 деца и младинци. Пред да продолжиме напред, би сакале да ја прославиме 50та изведба на претстава, која за нас претставува голем успех. Како дел од настанот во фоајето на кино Фросина ќе биде поставена изложба на цртежи, инспирирани од претставата, а нацртани од деца кои имаа можност да ја проследат претставата – велат од продукцијата.