Дита Старова – Ќерими во Чифте амам ни раскажа „скриени човечки приказни меѓу цветните светови“


Синоќа, во преполниот Чифте амам и на дожд, со гости од сите сфери на јавното живеење, политиката и со претставници од дипломатскиот кор, академската сликарка и универзитетски професор Дита Старова-Ќерими не воведе во еден необичен свет на цвеќиња и човечки присуства, на изложбата „Уметноста на оддалеченоста“, чиј куратор беше Горанчо Ѓорѓиевски.

На прв поглед-цветни композиции. Но погледот што ќе се задржи малку подолго, открива  нешто сосема друго: минијатурни човечки силуети на маж и жена, речиси скриени во цветните структури, како да се дел од некој интимен универзум во кој секој цвет чува по една  човечка приказна.

Меѓу латиците се отвараат прашања за љубовта, отсуството, сеќавањето, за луѓето што остануваат во нас и тогаш кога не се покрај нас. За оние невидливи врски што не ги прекинуваат  ниту времето, ниту просторот, ниту молкот.

Особено е интригантно што човечкото во овие динамично колористички слики не е поставено во преден план. Тоа е речиси незабележливо, скриено, оставено да го откриеме  сами. Како што и во животот најважните нешта ретко се наметнуваат со својата големина. Понекогаш се присутни во најмалите детали.

„Уметноста на оддалеченоста“ така станува повеќе од наслов. Станува размислување за човечкото постоење, за нашата потреба да припаѓаме , да паметиме, и да останеме поврзани, дури и кога сме  далеку . А можеби најубавото на оваа изложба со 20 дела е токму тоа што не нуди  одговори. Таа остава простор секој од нас да го пронајде  сопственото лице меѓу цветовите. И да си замине со чувството дека некои нешта, и кога се далеку од погледот, никогаш не се навистина  далеку од нас. 

Ова беше изложба од висок профил на домашната културна сцена, која предизвика огромен медиумски интерес и пред да се отвори, во познат амбиент за Старова-Ќерими, како директорка на Националната галерија од 2015 до 2024. Таа во 2012 се претстави со самостојна изложба во Чифте амам, а нејзиното повторно претставување во овој простор означува средба меѓу институционалното искуство и континуитетот на сопственото уметничко создавање.Тоа не зачудува затоа што уметницата, со својата професионалност, љубезност, елеганција, образование и семејно наследство, импонира и како домаќин, и како соговорник и како организатор, со ретка способност професионалната комуникација да ја ослободи од дистанца и формалност.

Од денес, кога ќе згаснат ТВ камерите и ќе стивне вревата по официјалното отварање во Чифте амам, изложбата вреди да ја погледнете внимателно, сами или во друштво. Зашто заслужува.