Ју: Регионот мора да ги зајакне капацитетите на СТЕМ и применетото истражување


 Животниот стандард на земјите од Западен Балкан, во споредба со оние од ЕУ, е помал и за да се надмине тој јаз, но и да се спречи одливот на мозоци, потребна е интернационализација на универзитетите, но и добра регионална соработка преку која ќе се овозможи квалитетно знаење, кое ќе се примени во реалната економија – смета Ксијаогинг Ју, директорка на одделот за Западен Балкан, Европа и Централна Азија, ECA. 

Според неа, за да се премостат овие јазови, од клучно значење е инвестирање во човечкиот капитал.

– Високото образование е во сржта на оваа амбиција. Како што веќе знаете, регионот се соочува со сложени предизвици, почнувајќи од стареењето на населението до сериозна миграција надвор. Исто така, некои од земјите имаат двоцифрени проценти на намалување на младото население во споредба со 2010 година – рече таа на отворањето на регионалната конференција „Мостови кон иднината: Интернационализација на високото образование на Западен Балкан и Југоисточна Европа“, што денеска и утре се одржува во Скопје.

Осврнувајќи се на заминувањето на голем број млади образовани лица од земјите од регионот, таа истакна дека миграцијата не мора нужно да значи одлив на мозоци. Има докази, нагласи таа, дека со конкретни политики, стимулации, добро креирани политики за мобилност, надворешната миграција може да стане циркулација, па дури и прилив на мозоци.

Според неа, Светската банка ги поддржува земјите од светот за реформирање на високото образование и Западен Балкан во изминатите две децении, вклучително и Македонија.

– Правиме чекори за реформи за обезбедување квалитет. Нашиот ангажман е одраз на нашата увереност дека регионалната соработка во областа на високото образование е една од најмоќните, честопати недоволно искористени можности, што може да доведат до развој, раст и креирање на подобри работни места и до поголема конвергенција со европскиот животен стандард – рече Ју.

Таа смета дека мобилноста треба да се претвори во регионална предност, а не загуба. Но, како што вели, треба да се овозможат патеки за враќање, нешто што ќе им овозможи на луѓето да се вратат во своите родни земји и тука да работат продуктивно.

– Земјите од Западен Балкан имаат мали економии, кои тешко се натпреваруваат со глобалните. Земјите од Западен Балкан може да овозможат поголем простор во високото образование, кој ќе биде атрактивен и за студентите, и за истражувачите, и за вработувачите – рече таа.

Високото образование, смета таа, треба да биде порелевантно во контекст на економиите денес и економиите во иднината.

– Регионот мора да ги зајакне капацитетите на СТЕМ, дигиталните капацитети и применетото истражување. Универзитетите имаат потреба од посилни партнерства со индустриите. Исто така, управувањето и финансирањето, со цел обезбедување квалитет, да бидат самоодржлив механизам. Потребно е финансирање базирано на перформансите, силни механизми за обезбедување квалитет и транспарентност на податоците – вели директорката на одделот за Западен Балкан, Европа и Централна Азија, ECA.

Ова, додава, не се бирократски мерки, туку се услови според кои високото образование може да испорача висококвалитетни производи.

На отворањето на конференцијата се обратија и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и генералниот секретар на Советот за регионална соработка (СРС), Амер Капетановиќ.

Покровител на регионалната конференција „Мостови кон иднината: Интернационализација на високото образование на Западен Балкан и Југоисточна Европа“, што се одржува денеска и утре во Скопје, е Министерството за образование и наука на Македонија.

Настанот е коорганизиран од Регионалниот совет за соработка (RCC) и Светската банка и претставува дијалог на високо ниво, кој обединува министри, раководства на универзитети, академици, истражувачи, креатори на политики, претставници на индустријата, работодавачи, експерти и студенти.

Конференцијата е конципирана како платформа за поврзување луѓе, идеи и институции, кои ќе придонесат за обликување на следната фаза од реформата на високото образование во регионот. Учесниците ќе дискутираат за конкурентноста на универзитетите и за нивната усогласеност со европските и глобалните стандарди, иновациите и дигиталните вештини, особено во STEM-областите, политиките за мобилност и создавањето услови младите да учат, истражуваат и да работат во разни земји, а стекнатото знаење да се враќа назад во регионот, како и за јакнење на соработката насочена кон споделување најдобри практики и искуства.

И покрај историските и институционалните разлики, шесте држави од Западен Балкан делат заеднички предизвици, вредности и стремежи. Преку дијалози и размена на идеи регионот сака да покаже дека не е само пасивен учесник во европските процеси, туку и рамноправен партнер, кој со знаења, таленти и иновации може да ја збогати Европа.