ЈП „Комунална хигиена“ на крај со резервите нафта: Арсовска да назначи в.д. директор!
Од Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“ бараат градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска да назначи в.д. директор затоа што претпријатието има мали резерви на нафта.
Во прилог ургенцијата од нив:
„Почитувана г-ѓо Арсовска, Како Управен одбор на ЈП Комунална хигиена – Скопје ве информираме дека, спротивно на вашите тврдења, сите ингеренции и надлежности за назначување и разрешување директори на ЈП Комунална хигиена – Скопје ги имате исклучиво вие. Согласно член 24, став 2, член 23 став 3 од Законот за јавните претпријатија и член 40 од Статутот на ЈП Комунална хигиена – Скопје (во прилог), исклучиво вие како градоначалник на Градот Скопје имате ингеренции да именувате в.д. директор на ЈП Комунална хигиена – Скопје, имајќи го предвид дека состојбата во претпријатието итно го налага тоа. Би сакале да ве потсетиме и дека во текот на изминатите четири години токму вие именувавте пет в.д. директори на ЈП Комунална хигиена – Скопје и разрешивте четири од нив. За ваше запознавање, во моментов се при крај резервите со нафта наменета за специјализирани комунални возила кои се употребуваат за собирање и транспорт на комуналниот отпад, што не може да се набави без потпис на в.д. директор. Доколку во најкус можен рок не назначите в.д. директор на ЈП Комунална хигиена – Скопје, одговорноста за алармантната состојба со одржувањето на хигиената во градот Скопје е ваша. Од наведените причини, Управниот одбор на ЈП Комунална хигиена – Скопје бара од вас итно да назначите нов в.д. директор кој ќе раководи со претпријатието, во насока на остварување на примарната дејност на претпријатието, а во интерес на заштитата на животната средина и јавното здравје. Управен одбор на ЈП Комунална хигиена – Скопје: Јулијана Спировска Ерџан Демир Анета Гоцева Персида Отовиќ Стојановска Гордана Велковска Теута Џафери Јуљмие Хаскај Мируше Лимани Јашари Влатко Митовски Јане Попоски Христина Јовановска Тодор Шоптгарјанов“, се вели во текстот.




