Јовески: И приватниците треба колективно да се договараат со своите работници


Сегашниот начин на социјален дијалог досега не е забележан во македонската историја и истиот резултира со огромен број колективни договори во јавниот сектор, изјави професорот по трудово право на Правниот факултет при УКИМ Скопје, Лазар Јовески, кој денеска присуствуваше на Конференција на тема: „Трудови  политики и колективни договори – законска рамка, примена и предизвици“ во организација на Самостојниот синдикат за образование, наука и  култура на Република Македонија – СОНК.

-Ова што го прави во моментов Конфедерацијата на слободни синдикати и Синдикатот на култура СОНК, според мене е вистинскиот начин како треба да се организира, да се разговара во присуство на сите социјални партнери, каде што ќе може на маса, без да се заобиколува и без да се ставаат под черга, народски кажано, проблемите, да се разговара отворено за сите предизвици коишто се коишто се пред социјалните партнери, нагласи Јовески во изјава за медиуми.

Тој истакна дека како професор кој што дваесет и пет години работи и фокусирано се посветува на социјалниот дијалог и работи и со синдикати и со работодавачи и со Владата, овој тип на начин што се случува сега, досега не е забележан во македонската историја, и истиот резултира со огромен број на колективни договори во јавниот сектор.

-Останува, тоа е мојот апел, да се посветат социјалните партнери во бизнис секторот и таму да заживее концептот на социјален дијалог, концептот на колективно преговарање, за да може да дојде до поместување на одредени проблеми или предизвици или нивно решавање коишто веќе со децении се пројавуваат и во бизнис секторот, изјави Јовески. 

Во однос на законот за работни односи, којшто осум години е закочен и дали ќе се воведат нови методи во работата, имајќи го предвид Ковидот кога се работеше он лајн, Јовески рече дека се надева оти ќе добиеме модерен закон којшто ќе одговара на интересите на сите страни.

-Работењето на таканаречениот нов закон за работни односи веќе навистина малку станува и на шега, како еден вид на историски закон. Да, тоа е системски закон. Тоа е многу важен закон, но секако временскиот период кој што премина и помина во изминатите години не беше според мене потребно толку долго да се чека, но веројатно се има свое време под небото, така што дојде време. Верувам, силно верувам дека оваа година и таа приказна ќе заврши успешно, односно ќе добиеме закон за работни односи кој што ќе биде модерен, кој што ќе одговара на интересите на сите страни, а тоа се работниците, работодавачите и државата и кој што ќе може перспективно во наредните пет до десет години да одговори на потребите на модерниот пазар на труд и на новините во светот на трудот, не само во Македонија, не само европски, туку и глобално. Она што се случува токму и со вештачката интелигенција, дигиталната трансформација и така натаму, потенцира Јовески.

Во однос на денешната конференција, што СОНК ја организира во пресрет на Меѓународниот ден на трудот 1 Мај, тој рече дека ќе се разговара за  досегашните аспекти, придобивки и предизвици со коишто се соочува социјалниот дијалог во Македонија и од стручен и од научен и од практичен аспект.

-Ќе дискутираме исто така и во која насока ќе се движи иднината на социјалниот дијалог и колективното преговарање како алатка, како начин, метод за уредување и подобрување на правото од работни односи, не само за работниците, секако за нив, но и како алатка за работодавачите, кој што ќе овозможи и тие исто така да користат одредени придобивки кои што ќе значи растење на бизнисот, отварање на нови работни места и подобрување на нивните перформанси како компании, рече Јовески.

Конференцијата ќе опфати панел – дискусии посветени на прашања од  областа на трудовото право, поврзани со креирање на трудови политики и  законска рамка, како и проблемите и дилемите при практичната примена на колективните договори.