Јавното обвинителство се уште ја истражува купопродажбата кај „Холидеј Ин“
Kупопродажбата на земјиштето на плацот кај „Холидеј Ин“ е во предистражна постапка. Според „Дојче Веле“, кое се повикува на извори од обвинителството, по предметот активно се постапува, се разгледуваат сите аспекти поврзани со отуѓувањето на земјиштето на најатрактивната локација во центарот на Скопје, но детали за постапката не се обелоденуваат.
„Во интерес на постапката и почитување на начелото на пресумпција на невиност, сите активности и дејствија што ги преземаат надлежните органи во текот на предистражната постапка се тајни, па согласно тоа јавноста ќе биде навремено информирана кога ќе можат да се споделат повеќе детали што нема да и попречат на постапката“, се вели во одговорот на Јавното обвинителство.
Иницијативата за отворање постапка пред неколку месеци ја поднесе Антикорупциската комисија.