Јавноста вознемирена од „признанието“ на Павловиќ – Латас за силување, обвинителството молчи

Јавните приказни за силување се пораз за општеството, кога насилникот станува вистински маж, а за жртвата не само што нема емпатија, туку се третира и како виновник


Од емисијата на Јутјуб

Признанието на новинарот Драган Павловиќ – Латас во една емисија на Јутјуб дека кога имал 15 години бил учесник во некаков вид групно силување екстремно ја сензибилираше јавноста околу прашањето дали општеството станува соочесник, па дури и одобрува насилство врз жени. А притоа актерите во тој разговор, Павловиќ – Латас и водителот Стефан Лазаров, тоа да го третираат како смешна епизода од младоста на новинарот. Реагираат речиси сите, од познати адвокати, Хелсиншкиот комитет, писатели, новинари, обични луѓе. Единствено молчи јавното обвинителство, иако емисијата беше емитувана уште минатиот вторник. Барем да го испраша Павловиќ – Латас дали тоа што го раскажува за неговите сексуални искуства е вистина или измислица. А може и да го најде „повозрасниот“ пријател на новинарот, кој му го овозможил и подготвил настанот во „фиќото“.

Од Хелсиншкиот комитет велат дека приказната од видеото е општествен пораз и реален приказ за тоа како се третираат жените жртви на насилство.

„Во видеото за двајцата соговорници силувањето е извор на забава и смеа, со што тие директно праќаат порака кон огромната публика не само дека тоа е нешто нормално, туку и смешно. Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса изгледа нормализирање на културата на насилство и до каде може да доведе непостапувањето на институциите и немањето јасни ставови и политики кои ги заштитуваат жртвите, наместо насилниците“, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Од таму додаваат дека ваквата култура им дава ветер во грб на насилниците, кои не само што продолжуваат да живеат нормално, туку и се славени како „вистински мажи“ и победници.

„Истата таа култура ги осудува жртвите, праќајќи им јасна порака дека системите на поддршка се речиси непостоечки. На оваа култура мора да ѝ се стави крај, јасно и гласно, ако јавната осуда е единствено оружје кое го имаме на располагање, соочени со систем кој очигледно не знае и не сака да се справи со родово базираното насилство“, се вели во реакцијата на Хелсиншки.

Познатата писателка и признат борец за правата на жените во регионални рамки, Румена Бужаровска, се сомнева дека ќе има правна разврска и покрај тоа што Павловиќ – Латас сам признава оти учествувал во таков кривично правен настан:

„Имајте ја на ум случкава со силувачот Латас и неговиот навивач и современ соучесник, јутјуберчето Лазаров кога следен пат некој ќе почне да кука против феминистки и култура на исклучување/cancel culture. Бидејќи случајот очигледно нема да има правна разврска, сите треба да работиме на тоа да ги осудиме и да ги исклучиме од каква било можност за јавно појавување. За вакви монструми јавноста не смее да прости. И да, не заборавајте ја муцката на извесниот Лазаров. Има еден тон следбеници на Инстаграм“, напиша Бужаровска на Фејсбук.

Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска дека е поразувачки некој со „чаламење“ да раскажува за тинејџерско доживување и сега во 2023 година тоа да се прифаќа како некаков вид мачоизам.

„’Покушајот’ во ‘фиќо’ кој е повеќе оставен на нашата фантазија, но сепак раскажан со доволно детали за да ја сфатиме неговата противправност (шлаканици, замаглени стакла, спомнување повеќе мажи, еден татин син и буткање во ситуација ‘немајкаде’) сугерира дека покрај жртвата во ‘фиќото’, и тој што ‘покушавал’ е жртва на машката токсичност која на сите нас растени во скопските маала добро ни е позната, видена и слушната.

Проблемот е што тоа 15-годишно момче досега не пораснало ни педа, па низ годините единствено создало механизми кои му помогнале само да ја прифати таа состојба како дадена, надвор од негова контрола, да не речам, нормална. Ниту за 40-ина години подоцна не ја сфатил сопствената одговорност, неговата психа не креирала емпатија (погрдно ја нарекува сиротиња) и едноставно прифатил дека ‘тоа така се правеше’ сака да рече ‘така ние прв пат имавме секс’.

Оној грев од водител, пак, како колбас или виршла мешан производ од бљувотините на модерното време има искрена реакција на смеење на приказната поради пиететот што го има кон гостинот-фраер“, пишува Јошевска-Атанасовска на својот Фејсбук профил.

По лавината реакции, во изјава што подоцна ја избриша, јутјуберот Лазаров негираше дека гостинот во емисијата зборувал за силување, додека на Инстаграм обвини дека во случајов станувало збор за „хајка“ против него. Тој не гледа ништо спорно во тоа што се зборуваше на неговиот подкаст и начинот на кој тој и неговиот гостин зборуваат за сексуалниот чин и третирањето на жената. Тој не прифаќа дека е поддржувач на силување.

Анита Лазарова, мајката на водителот, застана во одбрана на синот со тоа што го нападна СДСМ и неговиот Форум на жени, откако тој побара обвинителството да покрене постапка. Таа соопшти дека ја искинала партиската книшна на СДСМ затоа што партијата претерала во реакцијата.

„За да објавиш вакво нешто само заради тоа зашто не ви се допаѓа гостинот, а притоа да етикетираш млад човек за насилство врз жени е многу, ама многу примитивно. Жалам за моите сопартијци, со кои долго време зборуваме дека не си ја препознаваме партијата на која ѝ веруваме повеќе од 20 години. Од мене и од многу како мене збогум. Јас сепак сакам демократија“, напиша Лазарова на Фејсбук.

Дали е демократија ако во некоја емисија (па макар таа била и на сопствениот син) некој се фали дека силувал, а водителот не само што молчи туку и го одобрува настанот и поставува прашања за детали околу „мачоизмот“ е сериозно прашање. А одговорот е едноставен – во демократијата има одговорности. Во тие одговорности своја рамка има и јавното обвинителство – дали ќе реагира или ќе пушти бурата да се стивне. До следната бура. (Н.В.)