Јапонските компании губат милион долари на час поради американските царини


Главниот јапонски трговски преговарач денеска ја започна новата посета на Вашингтон со цел продолжување на разговорите околу високите царини што ги воведе администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, откако претходно беше најавено олеснување за царините на автомобилите, што разбуди надеж за натамошни отстапки.

Министерот за економско заздравување Рјосеи Аказава веќе се сретна со Трамп и со министерот за финансии Скот Бесент во средината на април, а утре повторно ќе има средби со нив и други официјални лица.

Јапонија би можела да понуди зголемени набавки на американска соја и пченка, како и продолжување на разговорите за заеднички развој на проектот за течен природен гас на Алјаска, во обид да го „ребалансира“ трговскиот суфицит со САД, кој изнесува 68,5 милијарди долари.

Иако е близок сојузник на Вашингтон и еден од водечките странски инвеститори во САД, Јапонија од почетокот на април е цел на 25 отсто царини на автомобили и челик. Автомобилите минатата година сочинувале околу 28 отсто од извозот на Јапонија во САД.

На Токио му се заканува и дополнителна царина од 24 отсто на целиот извоз, која моментно е суспендирана до почетокот на јули, но минимална царина од 10 проценти веќе се применува.

„Јапонските компании губат пари секој ден поради овие царини. Еден директор на автомобилска компанија ми рече дека губат милион долари на час“, изјави Аказава пред патувањето.