Јапонката Мијата остана без ОИ поради алкохол и цигари
Токио – Капитенот на јапонската женска репрезентација во гимнастика, Шоко Мијата (19), се повлече од тимот за Олимписките игри во Париз, откако ги прекрши правилата поврзани со пушење и алкохол, соопшти денеска Јапонската гимнастичарска асоцијација (ЈГА).
Мијата во четвртокот го напушти тренинг кампот на репрезентацијата во Монако и се врати во Токио по истрагата која го потврди дека ги прекршила правилата.
Младата девојка признала дека во јуни еднаш испила алкохолен пијалак и запалила цигара откако се вратила во Токио од базата во Монако. Пушењето и пиењето се забранети во Јапонија за лица помлади од 20 години.
– Се извинуваме од сè срце за ова, рече претседателот на ЈГА Тадаши Фуџита, длабоко поклонувајќи се заедно со другите официјални лица, вклучувајќи го и тренерот на Мијата, Муцуми Харада.
Тренерот Харада изјави дека однесувањето на Мијата било непромислено, но и дека била под голем притисок пред ОИ.
– Деновите ги помина навистина оптоварена со толку голем притисок. Би ги замолил луѓето да го разберат тоа, рече тој, бришејќи ги солзите.
Мијата е актуелна јапонска шампионка. На Светското првенство во 2022 година во Ливерпул, таа освои бронза на греда и го освои петтото место во повеќебој.
Гимнастиката е еден од најпопуларните спортови на Летните игри и натпреварувањата ќе се одржуваат од 27 јули до 5 август.