Јанкулоска може да се „испере“ за „Тенк“, но не и за своето министерување
„Цел ден се шири лажен пропаганден наратив небаре е одлучено по апликацијата на Гордана Јанкулоска по предметот 'Тенк'. Дека Стразбур ја строел Македонија и минатата влада. Тоа е стандардна процедура на судот во Стразбур“, напиша адвокатот Јанаки Митровски
Сопругот на Гордана Јанкулоска и нејзин адвокат, Влатко Илиевски, најави денес дека целта по жалбата во Стразбур е да се дојде до повторно судење и целосна рехабилитација на поранешната министерка, иако очекува тоа да трае со години.
Гордана Јанкулоска, која одлежа затворска казна за случајот „Тенк“ поврзан со купувањето владиниот „мерцедес“ деновиве во јавноста се претставува како жртва на неправедно судење и како жена херој, иако свесно беше осудена за најлесниот предмет, наспроти многуте тешки скандали со кои беше опкружено нејзиното министерување. Таа доби и силна медиумска поддршка, преку која веќе два дена се креира впечаток дека постигнала победа и дека тие што ја осудиле треба да бидат зад решетки, по што пораката треба да биде дека секој судија што ќе си дозволи да осуди политичар кога тогаш ќе биде распнат, особено кога сега е на власт неговата партија.
Дека тоа што Стразбур покренал постапка не е никаква победа, односно е далеку од тоа, порача преку социјалните мрежи адвокатот Јанаки Митровски:
„Цел ден се шири лажен пропаганден наратив небаре е одлучено по апликацијата на Гордана Јанкулоска по предметот ‘Тенк’. Па, те Стразбур ја строел Македонија и минатата влада, отворил сериозни прашања за македонското судство и останати манипулации. Вистината е следна: Секогаш кога се поднесува апликација првично ја разгледува судија поединец кој може да ја отфрли на старт како недопуштена или да го помине овој прв филтер ако не е очигледно неоснована. Внимавајте, судот во прв филтер прифатил дека апликацијата не е очигледно неоснована, што не е исто што и основана.
Во следна фаза, која е токму оваа, Судот комуницира со Владата и поставува прашања на кои очекува одговор и кои се во насока на утврдување на битни факти за конечна одлука. Ова е ВООБИЧАЕНО во СИТЕ апикации кои го минале првиот филтер и не претставува никаков огромен успех на апликантот како што се обидува да се претстави. Најнормалана комуникација меѓу судот и странките. Дури потоа предметот оди на одлучување, или пред стандарден Совет од седум судии или пред Голем судски совет од седумнаесет судии доколку се работи за прашање за кое Судот смета дека е особено важно во насока на заштита на правата од Конвенција.
Да бидеме јасни, сите прашања упатени до Владата се легитимни, и темпото со кое е судена Јанкулоска, и пристапот до доказите, правото на одбрана итн. Но, претставување на оваа, ВООБИЧАЕНА фаза од процесот како ‘голема победа на Јанкулоска’ е едноставно лага“, напиша Митровски.
МИА денес објави па повлече интервју со Илиевски во кое тврди дека очекувал Европскиот суд за човекови права да испрати известување до Владата, бидејќи било очигледно дека Јанкулоска немала фер судење. Според него, сѐ уште е рано да се повикува на одговорност (кон судијката), „бидејќи има основа за кривична одговорност поради злоупотреби, посебно на судијата од Основниот суд“.
Јанкулоска беше осудена за случајот „Тенк“ и издржуваше затворска казна во времетраење од четири години, од септември 2020 година, во затворот „Идризово“. Одлежа три години. Против неа се водеа и други судски предмети, меѓу кои „Таргет Тврдина“ околу нелегалното прислушување и за незаконското уништување на опремата за прислушување, од кој беше ослободена и во кој тврдеше дека и самата била „жртва на прислушувањето“, а не одговорна. Таа се спаси од одговорност, а тројца поранешни високи функционери во некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање добија високи затворски казни, а на една вработена ѝ беше изречена условна казна.
Кога стапна во „Идризово“ медиумите ѝ напишаа портрет, со констатација дека „лојалноста на Груевски ја крена до политичкиот Олимп и ја спушти до ‘Идризово’“. Во јавноста остана запаметена по многу работи, за кои немаше соодветна судска развршница или целосно расветлување на случаите. Меѓу нив се кумановските настани на 9 и 10 мај 2015, во кои загинаа 8 полицајци и 14 припадници на вооружената група, 37 припадници на безбедносните сили беа ранети, и беше причинета голема материјална штета на жителите и нивните домови. Јанкулоска тогаш беше принудена да поднесе оставка, заедно со шефот на тајната полиција Сашо Мијалков.
Неколку дена пред инцидентот во Диво Насеље, се случи протест на граѓаните предизвикан од објавените „бомби“ за Мартин Нешкоски, на кој брутално реагираше полицијата, која тепаше и апсеше луѓе по улици, а влезе дури и да тепа студенти во библиотека. Одговорност за тоа, немаше.
Кога сме кај полицската бруталност и Мартин Нешкоски, незаборавна е улогата на Јанкулоска и во овој случај. Навистина е тешко да се скрие убиство, како што вели самата Јанкулоска во уште една од објавените „бомби“, но за настанот на 6 мај 2011 одговараше само еден полицаец, а ниту еден од оние што се обидуваат да го скријат убиството, ниту оние што знаеја, а не преземаа ништо, како тогашната министерка за внатрешни работи.
Во богатото „портфолио“ се и справувањата со политичките неистомисленици. „Да ги сотреме“, рече Јанкулоска за припадници на МВР кои беа симпатизери на Обединети за Македонија. „Лиле ќе лета од МТВ“, за новинарка од јавниот сервис.
Јанкулоска се истакна и во „десоросоизацијата“ која почна да ја спроведува нејзиниот шеф Никола Груевски, за што Јанкулоска ги стави на располагање ресурсите на МВР. „Мрежата на НВО финансирани од Сорос безмалку се претвори во монопол, со својата финансиска доминација истиснувајќи ги од сцената невладините организации кои имаат ставови поинакви од нивните. Ваквото деструктивно дејствување наместо коректив на институциите, ги претвори во деструктивен елемент во општеството. Но, светот се менува, а нашето општество созрева“, ќе рече Јанкулоска своевремено во интервју за „Дневник“.
Се разбира, жестокото справување со политичките неистомисленици кулминираше за време на изборите. Од прислушуваните разговори кои ги објави во 2015 лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дознавме и дека за време на избори МВР функционира истовремено како штаб на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, каде на долниот спрат се примаат амбасадори и се работи државната работа, а на горниот – партиската, или, како што тоа најдобро го илустрираше самата Јанкулоска, „мвро-вмро“. Од тие разговори, впечатливи се и податоците за испраќање на полицајци-насилници за справување со неистомислениците во Охрид, праќањето автобуси на опозицијата на технички прегледи, разните инспекции, пиштења вриштења на фирми, на секој што не се согласуваше со власта, или не сакаше да и плати рекет.
Остана запаметено и „тефтерчето“ на Гордана со плусчиња и минусчиња и нејзината улога како кадровик на ВМРО-ДПМНЕ, за нарачувањето пресуди, поставувањето функционери, бруталната злоупотреба на положбата и инситуциите… Нејзиниот мит на маченик се градеше околу фактот дека стана мајка а мораше да оди во „Идризово“, иако таа тежина не ја сфаќаше додека беше на функцијата. Во тоа време Билјана Јовановска, поранешна директорка на Агенцијата за вработување, ја потсети Јанкулоска на зборовите „да ги сотреме“, кои се однесуваа на Јовановска и нејзиниот сопруг Томче.
„Сѐ најубаво посакувам за нејзиното дете. Но, жалам – не можам да жалам. Простете, но никогаш нема да простам. Јанкулоска, кога со Протуѓер договараше да ги сотрат моите две деца не помисли на правата на мајката и на правата на децата. Кога моите две деца на возраст од нешто повеќе од една година ги остави без приходи, со кредити и долгови, не помисли дека ќе имаат стресови и трауми. Кога нѐ малтретираа со полиција, судски процеси, не беше загрозување на правата на една жена, мајка и малолетни деца? Кога моите шестгодишни деца ги слушаа како ќе нѐ кренеле на клоци, беа збунети, потресени, вознемирени“, напиша Јовановска.
Во една од „бомбите“ што ги објави премиерот Зоран Заев како тогашен опозиционер, а која се однесуваше на апсењето на Љубе Бошкоски, се слуша разговорот на Јанкулоска со Мартин Протуѓер, кои разговараат што по изборите:
Јанкулоска: Треба да направиме Мартин и еден список, да ги сотреме.
Протоѓер: Како да ги сотреме?
Јанкулоска: Па така, не може некој што душа ни вадел во кампањава плата да му даваме ние во институцииве. Еве, кај мене, на пример, тие што им биле обезбедување, нема бе да работат во МВР. Нигде нема да работат.
Протоѓер: Не, не, не, вака сега, на главните луѓе тие што ни беа највака, треба показна вежба. И више на Билјана, на Томче, тие ги бркаме, му кажав на овој, од денеска на клоци.
Јанкулоска: Да, да, епа види овие што се џандарите од кај мене на пример му биле на листи на Љубе.
Протоѓер: Значи, тие луѓе најмногу што нѐ плукале. Другите оние обичните што се завеани, од некои други, и знаеш некои имало…
Јанкулоска: Да де, наше членство, што би рекол Б.Ц., гревови, го излажале. Ама Томче, не може бе цела фамилија во ПИОМ да му работи, Билјана не може, не знам…
Протоѓер: Тоа јас ќе го завршам.
Јанкулоска: Не знам оваа Наталија кај му работи, сите тие што му се вака најекспонирани треба вака да им се отчита лекција. И плус на комуњарите исто. Не може бе некој кај Рада у штаб вчера седи на прес, а да работи во институција државна. Е, сега, ја не ги знам кои се, ама претпоставувам. Треба една јака анализа, до формирање на нова влада да ги исчистиме.
Протоѓер: Дозволи.
Јанкулоска: Се претераа. Мислам душа ни извадија.
За начинот пак како се бранеше и се уште се брани Јанкулоска, во една прилика се изјасни и Никола Груевски:
„Многу храбро од страна на Гордана, нели?! Ќе беше далеку похрабро ако Јанкулоска побараше политички азил, отколку да прифати преку признанија вина која ја нема со лажење да мести други луѓе за да се спаси себеси, да плука по тие кои ѝ дале најмногу шанси и можности во животот и со чии политики секогаш целосно се согласувала, и така да го задржи своето достоинство. Сигурен сум дека ѝ давале надеж за подобар исход заради ‘добро однесување’ штом во една подоцнежна фаза на процесите Гордана, иако веќе во затвор за пресудата од предметот ‘Тенк’, ненадејно откако со години тврдеше и докажуваше дека не е виновна, за дел од обвиненијата во предметот ‘Титаник’ одлучи да признае вина, иако јас знам дека таа немаше вина, но таа сакаше мир и спокој за себе. Притоа ‘око не и трепна’ дека ќе им ја загрози судбината на повеќе други лица во процесот кои бранејќи се себе, ја бранеа и неа, кои исто така можеа да се ‘испазарат’ со обвинителството и со Заев и да признаат вина, со цел или да бидат ослободени, или да добијат условна казна без одење во затвор и да немаат прогон против нив. Но, за возврат да ги загрозат другите лица во процесот, меѓу кои и Гордана лично.
На пример во предметот наречен ‘Титаник’ имаше обвинети четворица полицајци на кои во фаза на истрага им беше понудено ако сведочат против неа и уште една обвинета личност од процесот, дека тие воопшто нема да бидат обвинети. Но, тие луѓе покажаа достоинство и вистинска храброст и го одбија тоа, ставајќи се себе на голем ризик. Гордана не! А беше толку среќна и толку кажуваше добро за нив кога дозна дека тие не прифатлиле да го тргуваат својот мир и слобода со неа“. (Н.В.)