Јанкуловска го спореди своето судење со Нирнбершките процеси и судењата за Информбирото
Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанколовска, во чие време се случија најголемите скандали во безбедносниот сектор во историјата на Македонија, продолжува да тврди дека била жртва и бара правна сатисфакција.
-Овој чекор на Европскиот суд за човекови права како дел од процесот низ кој очекувам да се констатира повреда на членот 6 од Европската конвенција за човекови права односно повреда на Правото на правично судење, го гледам како еден логичен след на настаните.Од самиот почеток на постапката за овој предмет пред македонските институции, за оние кои сакаа да бидат објективни беше очигледно дека во него не постои кривично дело (кое како такво е предвидено во Кривичниот законик) и аналогно на тоа дека не треба воопшто да се води постапката. Сепак под притисок на една силна пропагандна машинерија, во услови на јавен линч и стигматизација кон обвинетите постапката се поведе. Но кога веќе таа постапка започна, исто така беше очигледно дека се води на еден брутален начин, надвор од сите процесни правила, изјави во интервју за МИА Јанкулоска.
Според неа, судот наместо независен арбитер бил партнер и консултант на обвинителството и дејствувајќи заеднички тие беа цврсто одлучени по секоја цена во експресен рок да бидат изречени затворски казни за обвинетите, така што судењето било обична фарса со однапред познат исход.
-Почитувањето на процесните правила, доказите и материјалното право слободно можам да кажам дека беа на значително пониско ниво од она што го имале Нирнбершките процеси во времето во кое се случувале, па дури и на пониско ниво од судењата за време на Информбирото во однос на остварување на просецните права, вели Јанкулоска.
Обвинителите од СЈО и одредени одбрани судии од кривичниот суд, додава поранешната министерка, „ставени во функција на реализација на една политичка агенда која од денешнава временска дистанца е целосно демаскирана, беа недопирливи и можеа да прават се што ќе наумеа или можеби попрецизно би било да кажам се што им беше побарано“.