Јаневска: Учениците ќе ја почнат новата учебна година со учебници


Весна Јаневска (Фото: Б. Богдановска)

Учениците ќе ја почнат новата учебна година со обезбедени учебници, а најголемиот дел од нивната дистрибуција веќе е завршен, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.Во интервју за телевизија Сител, Јаневска истакна дека Министерството за образование и наука презело повеќе мерки за подобрување на системот за издавање и дистрибуција на учебниците, вклучително и донесување нова законска рамка со која учебникарството е префрлено кај издавачките куќи.

– Дотогаш Министерството беше и печатница и учебникар, што беше тешко спроведливо и несоодветно. Сега тоа го префрливме кај издавачките куќи – нагласи Јаневска.

Таа нагласи дека процесот е направен максимално транспарентен и дека сите документи поврзани со постапките се достапни на веб-страницата на Педагошката служба. Дополнително, биле организирани три онлајн семинари за училиштата со цел правилно да се спроведува замената на старите и оштетени учебници.Според министерката, во претходните години се појавувале проблеми со дотраени и оштетени учебници поради несоодветно спроведување на процедурите во училиштата, но очекува годинава тие пропусти да бидат надминати.

– Добрата вест е што дистрибуцијата на најголемиот дел од учебниците веќе е завршена по училиштата и во тек е финализирање на целиот процес за новата учебна година – истакна Јаневска.

Говорејќи за вештачката интелигенција, министерката истакна дека дебатата за нејзините придобивки и ризици се води на глобално ниво и додаде дека целта на Министерството е нејзиното воведување во образовниот процес да биде насочено кон подобрување на наставата и учењето.

– Нашата намера е да им помогнеме на наставниците и на учениците да ја користат вештачката интелигенција на правилен начин, да ги искористат нејзините позитивни страни за креативност, иновативност и учење, но истовремено да бидат свесни и за можните злоупотреби – рече Јаневска.

Во однос на државната матура, Јаневска оцени дека просечната оцена од 3,66 ги отсликува реалните постигања на учениците и дека резултатите се поблиску до реалната состојба благодарение на построгите процедури и контролни механизми во спроведувањето на испитот.

Според неа, околу 4.000 деца кои годинава треба да започнат со настава во прво одделение сè уште не се запишани, но бројката не е конечна бидејќи дел од родителите традиционално ги запишуваат децата кон крајот на август и во текот на септември. Таа појасни дека Министерството за образование и наука конечните податоци за бројот на запишани првачиња ќе ги има до крајот на септември.

– Дел од учениците кои требаше да бидат запишани во мај и јуни сè уште не се запишани. Тоа е пракса и од претходните години. Одреден број родители ги запишуваат своите деца кон крајот на август, па дури и во текот на септември. Дополнително, не сите училишта навреме ги внесуваат податоците во е-дневникот, а бројките ги добиваме токму од тој систем – појасни Јаневска.

Таа посочи дека дел од родителите се враќаат од работа во странство непосредно пред почетокот на учебната година, поради што се очекува дел од децата допрва да бидат запишани.

Говорејќи за намалениот број првачиња во однос на лани, министерката нагласи дека врз ова влијае пред сè падот на наталитетот.

– Генерацијата што сега се запишува во прво одделение е родена во 2020 година, а статистичките податоци покажуваат дека наталитетот во тие години бележи пад. Тоа е една од причините за намалениот број ученици – истакна Јаневска.