Јаневска: Ќе воспоставиме стабилен систем за спречување на врсничкото насилство
Министерството за образование и наука предвидува континуирани активности за спречување на врсничкото насилство и воспоставување стабилен систем кој ќе делува превентивно, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Таа посочи дека Владата презела повеќе проекти и законски измени, како и промени во училиштата, со цел да се спречи и санкционира врсничкото насилство.
Јаневска одговараше на новинарски прашања за време на настанот по повод поставувањето камен-темелник за изградба на нова спортска сала во ООУ „Братство“, на кој присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски.
Одговарајќи на прашањето за мерките против врсничкото насилство што ги објави Владата, Јаневска рече дека станува збор за серија активности што Министерството ги презема во насока на сузбивање на оваа појава.
-Вие знаете дека ние предвидовме исклучително многу активности за сузбивање на врсничкото насилство, што досега и не било така. Ова е прва Влада која посвети толку многу внимание на врсничкото насилство. Презедовме проекти и законски измени. Презедовме промени во училиштата во однос на распоредот на наставниците, грижата, па дури и казни за оние родители чии деца ќе повторуваат врсничко насилство – истакна министерката.
Таа информираше дека во моментов разговорите со Град Скопје се одвиваат на ниво на службите, а дополнително ќе се разговара и со градоначалникот за активностите што треба да се спроведат.
– Јас реков дека тоа ќе бидат континуирани проекти, за да не бидат само проекти како проекти, туку да се воспостави еден стабилен систем кој континуирано ќе дејствува во спречување на врсничкото насилство – рече Јаневска.
Во врска со зголемувањето на цените за билетите за меѓуградскиот превоз и дали МОН планира субвенции за студентите, кои секојдневно патуваат до универзитетите од други градови Јаневска појасни дека студентите имаат бесплатен превоз таму каде што постојат можности и донесени одлуки за тоа, но оти во моментов не е предвиден бесплатен меѓуградски превоз.
-Имаат бесплатен превоз во град. Меѓуградски во моментов не сме предвиделе, рече таа.
Министерката посочи дека државата обезбедува бесплатни основно и средно образование, а високото образование, како што рече е со минимална партиципација.
-Јас би сакала само да нагласам дека основното и средното образование се бесплатни. Студирањето е речиси бесплатно, затоа што имаме минимална партиципација во земјава за студиите, студентите имаат можности да се запишат на шест државни универзитети и, како што сум информирана, ги избираат оние што најмногу им одговараат – истакна Јаневска.
Како клучен приоритет таа го посочи подобрувањето на квалитетот на образованието.
– Она што е исклучително значајно е дека ние треба да го поправиме квалитетот на образованието. Приоритети мора да имаме, и тие приоритети се: едносменска, целодневна настава за помалите, промена на наставните планови и програми во високото образование, носење нов закон за високото образование, а потоа, како што ќе ги симнуваме приоритетите од првото место кон последното, ќе се погрижиме и за другите нешта – рече министерката.
На прашањето дали е планирано преземање некакви мерки поради се уште високите температури и недостигот на клима уреди во училниците, Јаневска истакна дека во моментов нема информација дека Скопје е во портокалова фаза.
-Секако, немаме добиено информација дека сме во портокалова фаза. И јас сега, кога дојдов, проверив, 28 степени е во моментов, што значи дека не сме во портокалова фаза. Но, за тоа има процедура – рече Јаневска.
Таа појасни дека при евентуално прогласување на портокалова фаза, Министерството за здравство и надлежните институции ја следат процедурата, по што се носат соодветни одлуки и се информираат училиштата.
-Кога навистина ќе биде потребно, ќе ги преземеме сите мерки. Објавени се на страницата на МОН потребните мерки што треба да се спроведат. Денес е само трет ден од учебната година и не треба да се грижат ниту учениците, ниту родителите, ниту директорите и наставниците сами да преземаат мерки, затоа што искуството од овие две години кажува дека сè навреме сме направиле – нагласи таа.
Јаневска додаде дека, доколку има потреба од дополнителни мерки, навреме ќе бидат информирани сите засегнати страни.
Во врска со состојбата во ООУ „Киро Глигоров“ во Општина Центар, каде што поради градежни активности дел од наставата се одвива онлајн, Јаневска рече дека одлуката е донесена пред сè поради безбедноста на учениците.
Таа истакна дека концептот на едносменска настава и подолг престој на учениците во училиштето, посочувајќи дека тој не е само политика на МОН, туку пристап што го препорачуваат стручњаци од областа на образованието.
-Бенефитот да се учи во една смена и учениците да бидат подолго во училиштето не е идеја ниту на Министерството за образование и наука, туку е нешто што го кажале стручњаци од областа на образованието и се спроведува секаде на Запад, каде што учениците на меѓународните тестирања покажуваат високи резултати. Оттука, ние цврсто стоиме на овој план, дека тоа треба да се спроведе. Бенефитот што учениците во „Киро Глигоров“ ќе го имаат отсега во следните 20 години е несразмерно поголем од оној што децата две недели ќе учат онлајн – рече Јаневска.
Според неа, краткиот период на онлајн настава е оправдан со оглед на тоа што градежните работи во училиштето сè уште траат.
– Зошто со директорката се договоривме да биде онлајн наставата? Затоа што таму привршуваат градежните работи, но сè уште има работници. Тоа е за безбедноста на децата и за коректна одговорност на директорката. Ако нешто се случи, сите ќе имаме одговорност, нагласи министерката.
Таа очекува градежните работи да завршат во следните две недели.
Во однос на барањата за распределба на учениците во други училишта или организирање настава во две смени, таа посочи дека конечната одлука не е во надлежност на Министерството.
-Не одлучува Министерството. Нека поразговараат со директорката и евентуално со градоначалникот. Ако тие сметаат дека е безбедно, јас како министер за образование и наука немам ништо против – рече Јаневска.