Јанев ќе навива за Македонија, но не кажа дали ќе биде тргната блокадата во Унијата
Бугарскиот премиер Стефан Јанев соопшти дека македонската делегација дошла со конкретни предлози и дека нив ќе ги разгледуваат во наредните денови. Заев на прес-конференцијата изјави дека проблемот е билатерален и така треба да се реши
(Од нашиот известувач) Слободанка Јовановска
СОФИЈА – Бугарскиот и македонскиот премиер, Стефан Јанев и Зоран Заев не постигнаа денес решение за спорот, но и двајцата сакаа да бидат оптимисти дека е можно бргу да се дојде до него. Во релаксиран манир бугарскиот премиер Јанев дури најави дека заедно со премиерот ќе го гледаат фудбалскиот натпревар денес до Украина и – ќе навива за Македонија.
Очекувањата не беа ни големи бидејќи пред најавената средба тамошното Министерство за надворешни работи објави дека нема услови Софија да поддржи почеток на преговори со нашата држава на 22 јуни. Што си кажаа Заев и Јанев на средбата во четири очи нема да се знае, но на прес-конференцијата бугарскиот премиер порача дека има добра атмосфера во политичкиот дијалог и затоа се надева дека решението за спорот ќе дојде бргу. Премиерот Заев најави дека заеднички ќе имаат вечера и дека тоа е можност за некаква креативност и инвентивност во барањето излез од ситуацијата. Најдиректно, бугарскиот премиер соопшти дека македонската делегација дошла со конкретни предлози и дека нив ќе ги разгледуваат следните денови, оставајќи впечаток дека навистина сака решение, но дека не му се брза.
„Во моментов имаме прозорец на можности да работиме на отворените прашања од Договорот за добрососедство и да создадеме средина за доверба, разговори и отворен дијалог во која експертите и политичките лидери ќе ги најдат вистинските решенија за да одат напред“, рече Јанев на прес-конференцијата. Тој оцени дека атмосферата во Бугарија е во прилог на тоа да се најде решение и затоа потрагата по него ќе продолжи, бидејќи тоа е во интерес на неговата земја и на регионот, но тоа мора да се направи „во рамките на правилата“ и без да остават „нерешени проблеми во европското семејство“.
Македонскиот премиер Заев додаде дека главно разговарале за билатералниот проблем нагласувајќи дека така, како за билатерален, ќе се бара решение.
„Ако сме одговорни политичари и лидери, тоа е наша обврака“, нагласи Заев, додавајќи дека разговарале за структурата на можното решение, но и го искоментирале португалскиот предлог.
„Билатералните прашања не се невозможни за решавање. Исчекор напред е и тоа што седиме заедно, а решението што е на маса мора да води грижа за интересите на двете страни. Само така граѓаните ќе го поддржат и ќе има негова успешна реализација“, забележа Заев.
Тој апелираше до бугарскиот народ да продолжи да ѝ помага на Македониј на патот кон ЕУ бидејќи за нас друга алтернатива нема.
„Ние веруваме во европските вредности и сакаме да ја европеизираме Република Северна Македонија. Затоа апелирам до бугарскиот народ да го поддржи пријателството, добрососедството и иднината на двата народи, зошто тоа го должиме на идните генерации. Водејќи грижа едни за други ќе го најдеме решението“, рече Заев.
На новинарско прашање дали Бугарите ќе бидат официјално впишани како другите заедници во РСМ, Заев рече дека Македонија пред членството во ЕУ ќе го отвори Уставот и став е сите помалубројни заедници да бидат впишани во него. „Ако сакаме да бидеме земја членка на ЕУ, треба да имаме европски Устав“, објасни Заев.
Јанев го повтори ставот дека одговорноста за решението е на политичарите иако историчарите имаат своја обврска во рамките на која што работат, забележувајќи дека ние на Балканот сме темпераментни луѓе, дека секој има мислење и дека тоа често е различно околу историјата, така што работата на Комисијата може да се претвори во политичка дебата без крај.
На директното прашање дали во јуни ќе се согласи за почеток на прегвоори на Македонија со ЕУ, Јанев избегна директен одговор, оценувајќи дека дека политичките одговорности се базираат на дијалог, дека атмосферата на дијалогот сега е добра и дека се надева на брзо решение, односно како што рече „не толку далеку во иднината“. Притоа тој го искористи прашањето да му реплицира на екс-премиерот Бојко Борисов поставувајќи му контрапрашање – зошто досегашните бугарски политичари не го направиле тоа досега?
„За да ги отвориме прозорците на иднината мора да ги затвориме вратите на минатото“, рече Заев, додавајќи дека во спротивно ќе нѐ однесе провев. Ние им должиме иднина на идните генерации, рече тој, нагласувајќи дека се видел со сите политички лидери бидејќи смета дека така налага политичката куртоазија, но вистинските разговори допрва следуваат.
Околу прашањето дали Македонија ќе ги отвори архивите за да се види трагичната судбина на тие што се декларирале како Бугари по 1944 година, Заев рече дека немаме проблем со тоа и дека денес ја донел со себе декларација на македонскиот парламент од 2006 со која се осудуваат сите вакви случувања. Јанев пак проблемот со говорот на омразата го лоцираше во државата кај нас, порачувајќи дека кога институциите создаваат основа за говор на омраза тоа влијае на новите поколенија и ги учи дека имало нешто грешно во нашето минато, а тоа според него го има во нашите медиуми и учебниците. Бараме начин како државата да не создава претпоставки за тоа, рече Јанев, додавајќи дека треба да се создадат услови младите да комуницираат растоварени од политиката или од тоа кој на кој јазик зборуваат, и да се среќаваат се почесто.
По прес-конференцијата премиерот замина во резиденцијата на претседателот Румен Радев.