Јанчев најави автоматски систем за детекција на чад и пожар со дојава до брза помош, противпожарна и полиција

Автоматски систем за детекција на чад и пожар со дојава до брза помош, противпожарна и полиција, како и своевидни ознаки за сите безбедни објекти за секој што ќе влезе во нив да се чувствува безбедно. Ова биле двата предлога што Општина Кавадарци ги дала до Кризниот штаб. За нив денеска информираше кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
– Едниот предлог е да работиме во наредните три до пет месеци заедно со сите надлежни субјекти на правење на автоматски систем со сензори за детекција на чад и пожар и автоматска дојава за пожарот до клучните институции, брза помош, полиција и противпожарна единица, појасни тој.
Јанчев, кој е и командант на Кризниот штаб, денеска изрази уверување дека во наредните години, над 90 отсто ќе се автоматизира ваквата дојава.
Тој информираше дека тела од повеќе од 30 луѓе од Крвниот штаб, при последните контроли на јавни институции, јавни објекти и колективни згради, не забележале големи аномалии. Имало случаи на скршени вентили на хидрантски системи, украдени или непостоечки црева за такви системи, а имало случаи системот да изгледа дека функционира, но дотокот на вода бил оневозможен, или притисокот на вода бил недоволен за да функционира еден хидрант.
Градоначалникот истакна дека секоја аномалија ќе биде отстранета со цел за најдоцна месец, месец и половина, сите објекти да бидат проверени и документирано потврдени за да бидат во функција. Во моментов немало објект што загрозува или тотално не ги исполнува законските услови, за да биде затворен.
Според вториот заклучок на Кризниот штаб, сите објекти што ќе ги комплетираат документите, ќе добиваат своевидна ознака, дека се проверени во таа година. Секој што ќе влезе во нив, да се чувствува безбедно.
– Општина Кавадарци редовно секоја година заедно со Територијалната противпожарна единица, Црвен крст, Дирекцијата за заштита и спасување, Центар за управување со кризи, Општа болница, ОВР Кавадарци, спроведува акции за евакуација при елементарни непогоди, изјави Јанчев за медиумите.
Една таква превентивна акција денеска имаше во основното општинско училиште „Страшо Пинџур”, вежба за евакуација при пожар. Беа евакуирани околу 365 ученици и повеќе од 60 вработени во училиштето.
Вежбата беше оценета како успешна. Градоначалникот додаде дека покрај практичните вежби за евентуални непогоди, се вршат и теоретски предавања, како во сите училишта, така и во градинките. Така ќе се продолжело и во иднина.
Директорката на училиштето, Илинка Бакева рече дека симулацијата беше реализирана со цел да се подобри подготвеноста на учениците и персоналот во реална ситуација на опасност, како и да се унапредат вештините за брза, безбедна и организирана евакуација.
– Благодарност упатувам до сите институции кои дадоа свој придонес и поддршка, со што ја подигнавме безбедносната култура во нашето училиште, истакна таа.
Притоа нагласи дека училиштето останува посветено на заштитата и безбедноста на сите ученици и вработени.
Командирот на Територијалната противпожарна единица, Александар Чадамов рече дека ваквите настани се од клучно значење за заедницата. Тој изрази задоволство што и најмалите аномалии што се констатираат при контролите на терен во објекти во општините Кавадарци и Росоман, се отстрануваат во најкус можен рок.