Јанакиески бара владиката Агатангел да сведочи за „насилствата во Центар“


Денеска се очекуваше случајот за „насилствата во Центар“ да продолжи со завршни зборовина обвинетите, но одбраната побара дополнување на доказната постапка на судењето.

Притоа обвинетиот Миле Јанакиески, поранешен министер за транспорт и врски во владата на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека смета оти за случајот треба да сведочи владиката Агатангел кој јавно повикувал на протести за изградбата на црквата.

Дополнително, Јанакиески бара судот да ги повика да сведочат уште Ивица Коневски, Кирил Божиновски и Мартин Протуѓер.

Адвокатите бараат за сведок да се повика и актуелниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ кој во 2015 година ги презентирал прислушуваните разговори за насилствата кои се случуваа во 2013 година.

Одбраната бара како доказ да се изведе и прислушуваниот разговор за случајот кој подоцна бил објавен а не е дел од доказната постапка, бидејќи како што сметаат адвокатите, тој разговор билизваден од контекст.

Обвинителот Гаврил Бубевски, во однос на предлозите на одбраната рече дека дополнителните материјалните докази, кои се документи и записници, се прифатливи.

–  По однос на останатите докази сметам дека од веќе изнесените докази се искристализира дејството на овој кривично правен настан и нема потреба да бидат прифатени. Во однос на вербалните докази, сите кои беа веќе предложени беа повикани. Дел беа сослушани, а дел не дојдоа и сметам дека нема потреба од дополнително оптоварување на постапката, изјави Бубевски.

За насилството во Општина Центар, се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова и неколкумина други учесници на протестите во 2013 година.