Јамајка ќе поднесе барање до кралот Чарлс за репарации поради ропството


Владата на Јамајка ќе му поднесе петиција на британскиот крал Чарлс в понеделник во врска со репарации за ропство, изјави денеска за Би-Би-Си министерката за култура на земјата, Оливија Грејнџ.

Петицијата ќе бара од кралот, кој е шеф на државата на Јамајка, да му постави на Судскиот комитет на Тајниот совет, највисокиот суд на островската нација, три прашања за легалноста на поробувањето на Африканците во Јамајка.

Прашањата се однесуваат на тоа дали поробувањето на Африканците во Јамајка било легално според англиското право, дали го прекршило меѓународното право и дали Велика Британија сега има законска обврска да обезбеди компензација.

Грејнџ рече дека тоа би можело да го отвори патот за долгоочекуваното решение „за стотиците години на најстрашната злоупотреба што ја претрпеле нашите африкански предци“.

Таа, исто така, ќе се сретне со претставници на Британскиот музеј за да разговара за враќањето на артефактите земени за време на колонијалната ера.