Јакимовски прогласи победа во Карпош
Стевчо Јакимовски како кандидат од Гром, а поддржан од ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа во Карпош. Иако гласовите не се добројани од општинската изборна комисија, тој смета дека е новиот градоначалник на општината.
„Во оваа изборна кампања морам да кажам дека се однесував витешки, излегував и кажував кои се решенијата на проблемите на Карпош и која е визијата на Карпош. Јас го гледав Карпош 30 години напред“, рече Јакимовски.
„Оваа историја се вика победа на граѓаните на Карпош. Од самиот старт кога одлучив да се кандидирам , знаев дека ќе дојдам до оваа ситуација. Бев сигурен дека ќе победиме. Бев сигурен во довербата која ја имав во граѓаните на Карпош и знам дека и тие ја имаат довербата во мене. Знам дека во наредниот период ќе ги корегираме грешките, ќе работиме уште попосветено и поорганизирано. Уште повеќе ќе бидат отворени вратите за граѓаните на Карпош за да ги решаваме нивните секојдневни проблеми. Јас победив како Новак Ѓоковиќ“, порача Јакимовски.
Противкандидат на Јакимовски е Душко Весковски од СДСМ.
Јакимовски пред четири години беше градоначалник на скопски Карпош, каде изгуби од Стефан Богоев.