Јакимовски ги искара директорите што примаат деца надвор од Карпош во градинките


Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, имал работен состанок со директорите на градинките на подрачјето на општината на кој се разговарало за главниот проблем – големиот број на деца од општината кои чекаат на упис во градинките.

-Констатирано е дека главни причини за проблемот се ограничените просторни можности и непочитувањето на одлуката на Советот да не се запишуваат деца од други општини. Градоначалникот смета дека е неодговорно однесувањето на директорите да запишуваат деца од други општини, а притоа децата од општината да седат дома, стои во соопштението од општината.

Директорите на градинките го информирале градоначалникот Јакимовски дека во одредени објекти има простор за отворање на нови занимални во кои би се згрижиле околу стотина деца, но за тоа се потребни околу 12 нови вработувања за кои досега нема одобрување од Министерството за финансии.Јакимовски најавил дека во текот на следните денови ќе се бара решение за проблемот.

Во моментов, на листа на чекање во градинките „Мајски цвет“, „Пролет“ и „Распеана младост“ има околу 350 деца.