„Јаху“ е заинтересиран за купување на прелистувачот „Хром“ на „Гугл“

Интернет компанијата „Јаху“ (Yahoo) е заинтересирана да го купи прелистувачот „Хром“ (Chrome) на „Гугл“ (Google) доколку американскиот федерален суд пресуди дека „Гугл“ мора да го продаде за да избегне антимонополски обвиненија, изјави извршниот директор на „Јаху срч“, Брајан Провост, на судско рочиште.
Според него, „Јаху“ проценува дека „Хром“ ќе се продава по цена од неколку десетици милијарди долари, пренесува Блумберг.
„Јаху“ беше водечки играч на пазарот за онлајн пребарување на почетокот на 21 век, но подоцна ја изгуби својата позиција по успехот на „Гугл“.
„Јаху“ беше продаден неколку пати, а од 2021 година е во сопственост на Аполо Глобал Менаџмент.
Компанијата за развој на вештачка интелигенција Open AI е исто така заинтересирана за прелистувачот „Хром“, изјави менаџерот за производи на Open AI, Ник Тарли, на судското рочиште минатата недела.
Алатката ChatGP сега има додаток за прелистувачот „Хром“ достапен за преземање, но Тарли верува дека подлабоката интеграција на „Хром“ во Open AI би создала подобар производ, објави TechCrunch.
Министерството за правда на Соединетите Американски Држави верува дека „Гугл“ го монополизирал пазарот и бара компанијата да продаде дел од својот бизнис, вклучувајќи го и „Хром“, за да овозможи поголема конкуренција.
„Гугл“ тврди дека предлогот на владата ќе им наштети на потрошувачите, ќе ги деградира секојдневните производи на „Гугл“ и ќе го поткопа лидерството на Соединетите Американски Држави во технологијата.