Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ цела ноќ расправал за избори
Во Белата палата синоќа се одиграла долга седница на Извршниoт комитет на ВМРО-ДПМНЕ, која траела се до раните утрински часови. Информацијата ја соопшти лично партискиот лидер, Христијан Мицкоски, при што навести дека тема на состанокот на најтеското партиско раководство, биле предвремените парламентарни избори. Од дадената изјава, најверојатно на масата биле три опции: Парламентарни избори заедно со локалните, догодина“, „парламентарни избори по локалните“ и „редовни избори во 2028 година“.
„Еве вчера имавме долга седница на Извршниот комитет којшто траеше до раните утрински часови. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата секогаш се подготвени за избори. Ако се потребни парламентарни избори, можеме веднаш, да ги организираме. Ако тие речат црвен картон има Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ако ги изгласаат градоначалниците на ДУИ и на СДСМ, тогаш пораката е јасна. Ние нема да ја игнорираме. Не сме СДСМ и ДУИ кои ја игнорираа пораката на народот за 2021 година и на сила беа во владата. Ние, таа порака нема да ја игнорираме, така што прв тест ќе бидат локалните избори, следната година“, рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека доколу на овие избори победи ВМРО-ДПМНЕ, очекува од опозициските партии да се свртат кон самите себе, да се реформираат со нови луѓе и со нови програмски идеи и како што вели, „Да се најдеме на следните редовни парламентарни избори во 2028 година“.
Според Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ, e консолидирана и апсолутно функционална партија која можела да „истрча“ на терен во секое време но, дека суштината e во испорачаното.
„Ние треба да испорачаме, што на вистинските херои им е потребно, а на нив им е потребно клима за да можат да водат бизнис, да инвестираат, да вработуваат луѓе, а со тоа да растеме како држава. Имаме избори локални следната година и граѓаните на тие локални избори ќе кажат дали се потребни парламентарни или не се потребни#, рече Мицкоски на денешниот Бизнис форум „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“.
Тој се повика и на граѓаните, говорејќи дека анкетите покажале оти не сакале предвремени парламентарни избори.
„Дури има и такви минувачи што на улица ме среќаваат кои самите кажуваат дека повторно вас ќе ве гласаме, зошто да трошиме пари, дајте да испорачаме тоа што е сработено. Јас разбирам, сега некои од опозициските партии мислат дека на тој начин ќе привлечат поголемо внимание“, рече Мицкоски.