Извршниот директор на „Рено“, Лука де Мео, ненадејно поднесе оставка

Групацијата „Рено“ сега разгледува опции за нов извршен директор по изненадувачката одлука на Лука де Меа да се повлече по пет многу успешни години на чело на француската марка.
Откако беше одговорен за успехот и подемот на SEAT, тој пристигна во „Рено“ во јули 2020 година. Во тоа време, францускиот бренд се соочуваше со големи предизвици, вклучително и рекордна нето загуба од 7,3 милијарди евра во првата половина од годината.
Сепак, де Мео успеа да го оживее „Рено“ со фокусирање на производи со поголема маржа и намалување на времето за развој на автомобили. Неговиот план за пресврт „Ренолушн“ ги постави темелите за обновена линија на модели што се фокусира на теренци, а воедно го намали фокусот на модели со помала продажба. Можеби најголемата работа што ја направи де Мео е оживувањето на „рено 5“, кој сега пристигна како електричен градски автомобил и создаде доста возбуда на пазарот. Новиот R5 покажа дека во услови на лош одѕив на електричните автомобили, играњето со емоциите, ретро дизајнот и технологијата што е прилагодена на намената можат целосно да го променат расположението и одѕивот на клиентите.
Набргу по R5, следеше алтернатива на кросовер во форма на „рено 4“, а „твинго“, кој ги следи темелите на дизајнот и концептот на мега-успешната прва генерација на ова супермини, треба да се врати следната година.
Напорите на Де Мео во закрепнувањето на „Рено“ вклучуваат зајакнување на „дачија“ во Европа со воведувањето на „бигстер SUV“, а се очекува да пристигне нискобуџетен електричен модел што ќе се произведува во Европа во 2026 година, заменувајќи го „спринг“.
Де Мео го напушта врвот на „Рено“ за нова улога надвор од автомобилската индустрија, а Le Figaro објавува дека тој ќе стане нов извршен директор на „Керинг“. Француската мултинационална холдинг компанија е специјализирана за луксузни стоки и поседува брендови како „Гучи“, „Баленсијага“ и „Ив Сен Лорен“.
Управниот одбор на групацијата „Рено“ сега бара наследник, а последниот ден на функцијата на Де Мео е закажан за 15 јули. 58-годишниот италијански извршен директор си заминува горд на своите достигнувања водејќи ја компанијата со дијамантското лого: „Доаѓа момент во животот кога знаеш дека работата е завршена. Во групацијата „Рено“, се соочивме со огромни предизвици за помалку од пет години! Постигнавме она што многумина го сметаа за невозможно. Денес, резултатите зборуваат сами за себе: тие се најдобрите во нашата историја.“