Извлeчено возилото што падна во Вардар кај Рашче – во него има три тела, по четвртиот човек се трага
Возилото кое излета во Вардар во близина с. Рашче е извлечено. Од него се извадени телата на три лица. Потрагата по четвртото лице продолжува, соопшти вечерва ЦУК.
Како што појасни директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, од возилото извадени се телата на три женски лица. Потрагата по четвртото машко лице кое најверојатно од возилото излетало во водите на Вардар продолжува.
По сообраќајната несреќа во која попладнето автомобил излетал од патот кај село Рашче и паднал во Вардар, случајни минувачи донеле четиригодишно дете во ГОБ „Св. Наум Охридски“ кое потоа е пренесено во Клиничкиот центар во Скопје.
– Во 18 часот од ГОБ „Св. Наум Охридски” сме известени дека кај нив од страна на случајни минувачи е донесено четиригодишно дете, кое потоа е пренесено во Клинички центар, информираат за МИА од Министерството за внатрешни работи.
Во СВР Скопје попладнето во 16 часот е пријавено дека на локалниот пат за село Рашче патничко возило излетало од патот и паднало во река Вардар.