Извештај: Термоцентралите на Западен Балкан загадуваат 6,6 пати над дозволените граници
Осум години по стапувањето во сила на стандардите за контрола на загадувањето на воздухот согласно Договорот за основање на Енергетската заедница во 2018 година, емисиите што предизвикуваат загадување во Косово, Босна и Херцеговина, Србија и Северна Македонија се 6,6 пати над дозволените граници, објави албанската редакција на Радио Слободна Европа (РСЕ), повикувајќи се на извештај на мрежата „Бенквоч нетворк“ (Bankwatch Network).
„Бенквоч“ е најголемата мрежа на еколошки организации и здруженија за човекови права во Централна и Источна Европа, наведува РСЕ.
Извештајот на мрежата еколошки организации е објавен денеска и се осврнува на неспроведувањето на прописите за емисиите на сулфур диоксид (SO₂) од застарените термоцентрали на јаглен во Западен Балкан, чии емисии лани ги надминале законските ограничувања.
Термоцентралите во Босна и Херцеговина забележале најголеми емисии на сулфур диоксид – 196.940 тони, што е 12,7 пати над дозволеното ниво.
Следува Србија со 177.756 тони, односно 5,1 пати над пропишаната граница.
Во целиот регион на Западен Балкан емисиите на сулфур диоксид од 2018 година наваму се намалиле само незначително.
Граничните вредности за емисиите во 2025 година станале уште построги отколку претходните години, што довело до уште поголеми прекршувања, се наведува во извештајот на „Бенквоч“.
Најголем загадувач со сулфур диоксид во апсолутни бројки, и покрај тоа што располага со постројка за десулфуризација, останува термоцентралата „Угљевик“ во Босна и Херцеговина. Нејзините емисии во 2025 година изнесувале 115.079 тони, што е највисоко ниво од воведувањето на правилата за контрола на загадувањето во 2018 година.
Во исто време, загадувањето со прашина исто така се зголемило и во 2025 година го достигнало највисокото ниво од стапувањето во сила на тогашните правила во 2018 година. Причината, главно, е значителното зголемување на емисиите од термоелектраната „Битола“ во Северна Македонија, која ги удвоила емисиите во споредба со 2024 година.
Само нејзините емисии биле за повеќе од 7.094 тони над дозволениот лимит за целиот регион, наведува РСЕ.
Како и во 2024 година, така и лани вкупните емисии на азотни оксиди од термоцентралите биле 1,4 пати над дозволените граници. Косово, Босна и Херцеговина и Србија ги надминале законските ограничувања, а најголеми емисии имала електраната „Никола Тесла Б“ во Србија – 11.247 тони.
Термоцентралата во Пљевља, Црна Гора, во последните години беше реконструирана и поголемиот дел од 2025 година не работеше. Сепак, нема докази дека ги исполнува стандардите за загадување што би ѝ овозможиле да продолжи со работа.
Секретаријатот на Енергетската заедница покрена повеќе постапки против земјите од Западен Балкан, потврдувајќи ја незаконската работа на нивните термоцентрали на јаглен. Сепак, ниту една влада не изрекла казни за овие постројки, а нема ниту јасни, ажурирани и реални планови за усогласување со прописите или за нивно затворање.
Механизмот на Европската Унија за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM) стапи во сила во јануари годинава, со што се зголемија трошоците за извоз на електрична енергија, а производството на струја од јаглен стана уште помалку исплатливо, додава РСЕ.