Изречени 106 санкции за неправилно престигнување во текот на вчерашниот ден

Во текот на вчерашниот ден во рамки на сообраќајните контроли што ги спроведуваат полициски службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ државата, биле издадени 841 платен налог по основ на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила.
Од МВР денеска соопштија дека согласно статистичките показатели и натаму најголемиот дел од прекршоците се однесуваат на возење со поголема брзина од дозволената – 135, како и на непрописното паркирање – 212. Следат прекршоците по основ на непоседување на возачка дозвола – 68; потоа некористење на сигурносен појас – 60; како и прекршоци по основ на забрането користење на мобилен телефон при возење – 48.
– Она што е впечатливо за сообраќајните контроли вчера, е фактот дека по однос на прекршоците поврзани со неправилното престигнување беше забележан најголем скок од дури 106 евидентирани такви прекршоци, што е најголем статистички параметар за овој вид прекршоци од почетокот на годинава до сега, се наведува во соопштението.
Инаку вчера, покрај ова, биле регистрирани осум случаи на возачи кои што управувале возило под дејство на алкохол, тројца минале на црвено светло, а евидентирани се и осум прекршоци на пешаци. Од сообраќај беа исклучени и осум технички неисправни возила, како и 24 нерегистрирани возила.
Министерството за внатрешни работи продолжувајќи со засилените мерки и активности во поглед на сообраќајната безбедност апелира до сите учесници во сообраќајот за целосно почитување на сообраќајните правила и прописи.