Израелката со македонско потекло ослободена од Хамас
По 477 денови во заробеништво, Наама Леви, Израелка со македонско потекло, беше ослободена од Хамас и се врати дома во Израел. Таа беше дел од групата четири заложнички ослободени вчера, во исклучително емотивен момент кој предизвика големо олеснување кај нејзиното семејство и пошироката јавност.
Леви беше киднапирана на 7 октомври 2023 година, при упадот на припадниците на Хамас во Израел. По долг период на неизвесност, нејзиното ослободување беше придружено со сцени на радост и солзи.
„Возбудена сум. Знаевме дека овој момент ќе дојде. Не се сомневавме. Помина долго време. Очекувавме тоа да се случи порано. Но, ова е тоа, тие се враќаат дома,“ изјави роднина на една од ослободените заложнички.
Наама Леви и другите ослободени заложнички беа пренесени со хеликоптер од израелската армија, каде што прво беа пречекани од најблиските. На видеото објавено од израелската армија, Леви, со насмевка на лицето, напиша на табла на англиски и хебрејски: „Конечно дома“.
Поврзаноста на Наама Леви со Македонија доаѓа преку нејзината чукун-баба, Грасиа Бивас, која е родена во Македонија во 1893 година. Грасиа како девојче се преселила во Израел, каде што го продолжила својот живот и основала семејство.
Оваа врска предизвика реакција и во Северна Македонија. Претставници од еврејската заедница, како и членови на семејството Леви, бараа поддршка од македонските власти за да помогнат во процесот на нејзино ослободување, нагласувајќи ја нејзината македонска врска.