Израел: Парламентот го одобри клучниот елемент од контроверзната судска реформа

Врховниот суд повеќе нема да може да ги укинува одлуките на владата или одделни министри како „несоодветни“


 

Израелскиот парламент го одобри суштинскиот елемент на контроверзната судска реформа во конечната одлука. За предлог-законот гласаа 64 од вкупно 120 пратеници, со што се ограничува опсегот на дејствување на Врховниот суд. Опозицијата го бојкотираше гласањето.

Во иднина, Врховниот суд повеќе нема да може да ги укинува одлуките на владата или одделни министри како „несоодветни“. Законот е дел од поголем пакет што критичарите го гледаат како закана за демократијата на Израел. Некои дури предупредуваат на воведување диктатура. Опозицијата ја отфрла реформата како опасно навлегување во независноста на судството и како порта за корупција и злоупотреба на власта. Власта, пак, го обвинува судството дека премногу се меша во политичките одлуки.

Сè до непосредно пред гласањето, израелскиот претседател Исак Херцог залудно се обидуваше да постигне компромис меѓу десничарската верска коалиција на премиерот Бенјамин Нетанјаху и опозицијата. „Ние сме во национална вонредна состојба“, рече тој, според соопштението од неговата канцеларија.

Државата Израел нема пишан устав и наместо тоа се заснова на збир на основни закони. Затоа, Врховниот суд е од особено значење во почитувањето на владеењето на правото и човековите права.

Коалицијата на Нетанјаху е најдесничарската коалиција што некогаш ја имала земјата. Измените во законот се прават и под притисок на строго верските коалициски партнери. Реформата, исто така, може да биде алатка во рацете на самиот Нетанјаху во судскиот процес за корупција против него.

Израелското општество е длабоко поделено околу судските реформи. Стотици илјади противници, но и многу поддржувачи постојано излегуваа на улиците во последните месеци. Многу демонстранти се собраа и во понеделникот. Коалицијата од 150 најголеми компании во земјата свика штрајк во знак на протест против проектот. Од прекинот на работа се погодени и некои големи трговски центри. Наводно, на штрајкот планираат да се приклучат и неколку високотехнолошки компании. Старт-ап сцена се смета за движечка сила зад израелската економија.

Во последно време отпорот расте и во редовите на армијата. Околу 10.000 резервисти викендов најавија дека повеќе нема да бидат на должност доколку коалицијата не престане со нивните планови. Според извештаите, тоа би можело значително да влијае на оперативната подготвеност на војската.