Израел ја критикува резолуцијата за Газа усвоена на арапскиот Самит во Каиро, Хамас ја поздрави


Израелското Министерство за надворешни работи синоќа ја критикуваше резолуцијата усвоена на самитот на Арапската лига во Каиро за обнова на Појасот Газа, оценувајќи дека таа „не успева да одговори“ на реалноста по нападот на радикалната палестинска групација Хамас врз израелска територија на 7 октомври 2023 година.

Од друга страна, Хамас го поздрави усвоениот арапски план за обнова на Газа и повика на обезбедување финансиски средства за негово спроведување.

„Во резолуцијата не се споменува дрскиот терористички напад на Хамас, кој одзеде илјадници израелски животи, а стотици луѓе беа киднапирани. Во неа нема ни осуда за оваа терористичка организација“,стои во соопштението на израелското Министерство за надворешни работи.

Израел ја потврдува својата поддршка за планот на американскиот претседател Доналд Трамп, според кој палестинското население на Газа треба да биде преселено во соседните земји Јордан и Египет. Според израелските власти, арапските лидери го отфрлиле овој предлог на состанокот во Каиро, без да му дадат можност за реализација.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси соопшти дека арапските држави го поддржале египетскиот план за поствоена обнова на Газа, кој предвидува двомилионското палестинско население да остане во енклавата.

Проектот вреден 53 милијарди долари, разработен на 112 страници, има цел да ја обнови Газа до 2030 година, без иселување на нејзиното население.

Во првата фаза е предвидено расчистување на над 50 милиони тони урнатини и отстранување на неексплодирани боеви средства останати по израелските бомбардирања и воени офанзиви.