Изложба во МСУ по повод 30 години соработка помеѓу САД и Северна Македонија

– „Желбата можеби е, би можела да биде, како што секогаш е, блиску до љубовта“ е насловена изложбата која вечер од 19 часот ќе биде отворена во Музејот на современа уметност – Скопје (МСУ), по повод 30 години соработка помеѓу Соединетите Американски Држави и нашата земја.
Изложбата ја организираат МСУ и министерствата за култура и туризам и за надворешни работи и надворешна трговија и по вечерашното отворање ќе може да се посети до 26 октомври. Авторка на концептот е Кумјана Новакова. Како што наведува МСУ, изложбата е замислена во форма на белешки кон невидлива колекција од желби, како уметничко истражување на можното.
– Ова е само една од многуте замисливи архивски и документарни интервенции во видливата и невидливата колекција на МСУ-Скопје … Оваа интервенција предлага спекулативен поглед на историјата на колекцијата на Музејот, првично реагирајќи на присуството на американските и на авторите и авторките со седиште во САД, како и на потенцијалните врски помеѓу уметничките простори на САД и прво Југославија, а потоа и Северна Македонија, со цел критички да се осврне на просторите на создавање и да отвори можности да многубројните мината се третираат како отворени (не)режими. Изложбата обединува архиви, дела и размисли на Сараи Шерман, Џаспер Џонс, Ен Черноу, Бурт Черноу, Кристо Јавашев, Метка Крашовец, Тадеуш Мисловски, Луис Камницер, Џеф Расел, Петар Хаџи Бошков, Роберт Јанкулоски, Дуња Иванишевиќ, Роланд Балади, Дијана Томпсон, Кумјана Новакова, соопшти МСУ.
Изложбата ја реализира Музејот на современата уметност – Скопје, со поддршка на Министерството за култура и туризам и Амбасадата на Соединетите Американски Држави во државава.
-Во нејзината реализација великодушно придонесоа Државниот архив на Република Северна Македонија, Кинотеката на Република Северна Македонија, Националната академија за дизајн, САД, се наведува во соопштението.