Изложба „Скриеното трето: Некаде помеѓу присуството и отсуството“: По Атина, во Мала станица


 Во Мултимедијалниот центар Мала станица вечерво 20 часот ќе биде отворена изложбата „Скриеното трето: Некаде помеѓу присуството и отсуството“. Кураторки се Ана Франговска, кустос советник во Националната галерија на Р.С. Македонија и независната историчарка на уметност од Грција, Ники Папаспиру.

Изложбата ќе трае до 25 октомври 2025, а учествуваат уметниците од Македонија, Грција, Србија и Кипар: Слободанка Ступар, Аница Вучетиќ, Дарија С. Радаковиќ, Анита Аргироилиопулу, Ефи Фурики, Катерина Евангелаκу, Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Дијана Томиќ, Славица Јанешлиева, Клица Антониу, Марина Касианиду, Елина Јоану.

-Изложбата се развива долж имагинарна оска што се протега од Белград до Никозија, со Скопје и Атина како клучни точки во оваа геополитичка и културна поврзаност. Тринаесетте македонски, грчки, српски и кипарски уметнички ќе претстават дела во медиуми како што се просторни и звучни инсталација, видеа, објекти, слики, цртежи и перформанс. Изложбата создава феминистички простор на соживот, отпор и прекомпонирање, потенцирајќи ја важноста на уметничкиот израз во постојано променливиот свет. Скриеното трето претставува проширување на проектот Присутност/Отсутност, формирајќи мрежа на дијалог помеѓу женски уметнички гласови од Балканот и Медитеранот. Инспирирана од теоријата на Басараб Николеску за меѓусебно поврзана и повеќеслојна реалност, изложбата го третира „скриеното трето“ како средишна сфера на постоење каде спротивставените поими коегзистираат и се трансформираат: присутност/отсутност, материјално/нематеријално, индивидуално/колективно, наведува Националната галерија на Р. С. Македонија.

Премиерата на изложбата беше во Атина, во мај годинава.