Изложба на Мирослав Масин во Македонскиот КИЦ во Софија 


Фото: Б. Грданоски

Во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар (КИЦ) во Софија денеска ќе биде отворена изложбата „Колоритот на генијот“ од Мирослав Масин. На отворањето ќе биде присутен и авторот.

-Изложбата е ретка можност за бугарската јавност да влезе во светот на еден исклучителен автор. Делата што ќе бидат изложени – работени во класична техника, на големи формати – се повеќе од слики: тие се внатрешни пејзажи, визуелни прашања и емоционални извештаи од едно внатрешно патување. Ова не е изложба што само се гледа. Ова е изложба што се чувствува. Ова е покана да се сопреме, да погледнеме кон себе, и можеби, за миг, да се вивнеме над секојдневието, наведува Македонскиот културно-информативен центар во Софија.

Според Македонскиот КИЦ, Масин е уметник кој не припаѓа на трендови, туку ги создава.

-Неговата работа е исклучително самосвоја – втемелена во класично сликарство, но отворена кон современи визуелни истражувања. Тој не се плаши од трансмедијалност: користи инсталации, видео арт, сценски дизајн, создава дела што се блиски до перформанс, но во основата секогаш останува верен на сликарството како суштински медиум на духовно изразување. Во неговите дела, особено во последните години, птицата станува доминантен симбол – не како декор, туку како визија, како внатрешен глас, како лична и колективна алегорија. Птицата кај Масин е средба меѓу телото и духот, меѓу човекот и неговиот сон, меѓу реалноста и она што сакаме да биде. Таа е мост, но и бездна. Лет, но и паѓање. Птиците на Масин не се ни реалистични, ни фантастични, тие се психолошки облици, немирни сенки, патници низ човековата потреба да се разбере себеси. Во тој летен јазик, сликарството се ослободува од потребата да „прикаже“ и станува можност да се „доживее“, истакнува Македонскиот културно-информативен центар.

Масин е роден во Ниш, 1963 година. Се образувал во Скопје. Завршил сликарство на Факултетот за ликовни уметности во 1988 година и од тој момент почнал со интензивна и континуирана изложбена активност – самостојно и групно – во Македонија и на меѓународната сцена. Излагал во Ѓенова, Париз, Стразбур, Берлин, Лондон, Белград, Сараево, Подгорица, Љубљана, но и во мали, интимни простори каде уметноста добива друга енергија. Неговата кариера трае повеќе од четири децении.

-Масин слика со енергија што не произлегува само од раката, туку од мислата и од емоцијата. Неговото дело „не раскажува приказна“ во класичната смисла, туку ја предизвикува вашата сопствена. Визуелниот јазик кој го гради преку години е слоевит: фигуративен, симболичен, експресивен, понекогаш и апсурден, но секогаш искрен. Тој е сликар кој ги избегнува шаблоните и одбива да слика заради убавина. Наместо тоа, неговите платна се трибуна на човековиот внатрешен свет, свет во кој сонот и реалноста се испреплетуваат во колаж од чувство, сеќавање, траума и надеж. Проектите како „Monkey – APE-man“ (1986), „Cage“ (1992), „Мајмун-човек-банана“ (1995), „Civilization“ (2000, Чешка), и „City Point“ (2009, Нирнберг) го потврдуваат неговото непрестајно истражување на границите помеѓу уметноста и општеството, помеѓу естетиката и етиката. Во 2024 година, Националната галерија на Македонија му посвети голема ретроспективна изложба под наслов „Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“, претставувајќи над 140 дела и 9 објекти, како сведоштво за неговата четиридецениска уметничка дејност. Истата година, Масин е добитник на државната награда „Св. Климент Охридски“ за животно дело во уметноста, како и на признанието „Златна Бубамара на популарноста“ за трајни вредности, информира Македонскиот КИЦ во Софија.