Изложба на костимографот Благој Мицевски и настап на Скопје танцов театар

Кореографијата „Котел“ на Рисимкин е создадена во 2018 година за Скопје танцовиот театар и премиерно изведена на „Танц фест Скопје“.
-Оваа кратка кореографија, на музика на Тони Китановски, со костимите на Благој Мицевски, е оценета како извонредно достигнување и е селектирана на повеќе светски фестивали, меѓу кои „Holland Dance Festival“ во Хаг, „Battery Dance Festival“ во Њујорк и „Меритајм силк фестивал“ во Чуанџо, Кина. Кореографијата со огромен успех е изведена на сите странски фестивали, но и многупати во Скопје и низ државата, информира Скопје танцов театар.
Кореографката Рисимкин соработува од 1996 година со Благој Мицевски за речиси сите нејзини кореографии. Заедно имаат остварено над 30 проекти кои се претставени низ цел свет.
Како особено значајно во нивната соработка се наведува гостувањето на Скопје танцовиот театар во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз во март годинава, со претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“.