Изложба на фотографии „За прв пат“ на Матео де Мајда во КИЦ – Скопје


Изложба на фотографии од италијанскиот фотограф Матео де Мајда насловена „За прв пат“ ќе биде отворена утревечер во Културно-информативниот центар во Скопје.

Имено, фудбалската репрезентација на Северна Македонија, минатото лето, по прв пат учествуваше на Европското фудбалско првенство. Неколку недели претходно, италијанскиот фотограф Де Мајда и новинарот Козимо Бизари ја пропатуваа земјата и ги претставија нејзините жители додека се подготвуваат за еден од најголемите спортски настани во својата историја.

Rozita, 30, a F.K. Vardar fan, Skopje

Реализирана со поддршка на Музејот на современа фотографија од Милано (MUFOCO), магазинот Ундичи (Единаесет) и ФФМ, „За прв пат“ е репортажа која зборува за спортот и идентитетот и е дел од долгорочниот проект за фудбалската култура во различни земји од светот.

Текстовите напишани од Козимо Бизари и фотографиите реализирани од Матео Де Мајда,  од кои дел можат да се видат на оваа изложба, го обиколија светот. Објавени се ширум светот во медиуми како: The New York Times (USA), The Financial Times Magazine (UK), Rivista Undici (ITA), SoFoot (FRA), Der Spiegel (GER), 6Mois (FRA).

Сликите на Де Мајда во моментов се изложени и во Музејот на современа фотографија во Милано.

Матео де Мајда (роден во Тревизо, 1984 год.) е фотограф со седиште во Венеција, ангажиран од агенцијата Контрасто (Contrasto). Неговото визуелно истражување е фокусирано на социјалните и еколошките тематики. Учествувал на разни изложби во Италија и во странство, изложувајќи ги своите дела во Обединетите нации (Женева, 2013), Архитектонското биенале (Венеција, 2016), Head On Photo Festival (Сиднеј, 2020), MUFOCO (Милано, 2021) и Триеналето (Милано, 2021 година). Во 2019 година ја објавува „Беше море“ (Era Mare), книга посветена на феноменот на плимата и осеката во Венеција, чии приходи целосно биле наменети за трговците во градот. Минатата година е избран од страна на списанието ARTRIBUNE за најдобар млад италијански фотограф. Неговите фотографии се објавени во The New York Times, The Guardian, The Washington Post, British Journal of Photography, Internazionale, Die Zeit, National GeographicVogue.

 

Изложбата е во организација на Амбасадата на Италија во Скопје, а ќе може да се посети од 13 до 20 ноември во КИЦ. Влезот е бесплатен.

Изложбата по Скопје, ќе биде претсвена и во други градови во Република Северна Македонија, а потоа,  Амбасадата на Италија сликите ќе ги подари на спортски институции и фудбалски здруженија од земјава.