„Изи џет“ влегува на македонскиот пазар

Нискобуџетната авиокомпанија „Изи џет“ ќе влезе на македонскиот пазар во претстојната зимска сезона со авиолинија помеѓу Скопје и Женева. Летовите ќе почнат на 1 ноември и првично ќе се изведуваат двапати неделно, секој понеделник и петок, а од декември летови ќе има трипати неделно.
Авиокомпанијата во моментов нема директна конкуренција на оваа авиолинија. Таа ќе стане трета нискобуџетна авиокомпанија што ќе го опслужува скопскиот аеродром заедно со „Визер“ и „Пегасус ерлајнс“.
Извршниот директор на турската компанија ТАВ, која управува со двата аеродрома во Македонија, Сани Сенер, неодамна рече дека и покрај тоа што компанијата „Визер“ е цврсто поставена на македонскиот пазар, сепак, има простор за повеќе играчи.
„Скопје е веќе успешна база на ‘Визер’, но сметаме дека има значителна можност за нискобуџетни оператори“,рече Сенер.
Врз основа на податоците на ОАГ, компанија која обезбедува аналитички податоци за авиокомпании и аеродроми, вкупно 3.23 патници патувале индиректно помеѓу македонската престолнина и Женева во периодот пред пандемијата во 2019 година, додека минатата година бројката изнесувала нешто повеќе од 600. Овие бројки вклучуваат само патници што имале само една промена на лет за да стигнат во Женева или во Скопје.
„Визер“, која е доминантна авиокопмпанија во Скопје, не може да воспостави летови меѓу Швајцарија и Македонија бидејќи авиолиниите меѓу двете земји се регулираат преку билатерални договори. Летовите на „Визер“ кон Базел се смета дека се летови кон Франција. Од друга страна, пак, „Изи џет“ има подружница во Швајцарија.
Од „Изи џет“ претходно изјавија дека за нив не претставува пречка присуството на „Визер“ на македонскиот пазар и дека ќе бидат воспоставени летови до земјава само доколку има доволно побарувачка.