Изготвени се над 30 нови учебници за средно образование
За над 30 предмети од средното образование се изготвени нови учебници, кои овој период треба да се испечатат, за да бидат дистрибуирани до училиштата до септември.
„Имаме изготвено 31 нов учебник за средно образование, одобрени се, треба само да се испечатат. Се надевам дека ќе бидат достапни за учениците до или барем на почетокот на новата учебна година“, вели за „Независен весник“ министерот за образование и наука Арбер Адеми.
Лани, пак, беше сменета содржината на 22 учебници кои се користат во основното образование, во кои беа констатирани забелешки од стручен, методолошки и технички аспект, според укажувањата на наставниците. Промените ги направи комисијата во која членуваа стручни лица. За првачињата беа испечатени исто така нови учебници. Меѓутоа, и во изминатава учебна година дел од учениците се соочија со проблем бидејќи не добија учебници по сите предмети. Некои првачиња не добија учебник по предметот општество,а за шесто одделение немаше за секое дете учебник по предметите македонски јазик, историја, информатика. Повеќето од старите учебници што им се поделија на учениците беа многу стари и им фалеа страници.
Проблем со години наназад е тоа што нема учебници по стручните предмети за учениците кои учат во средните стручни училишта. Така за учениците што учат економски и правни насоки на образование немаше учебници по предметите информатика и основи на право за втора година, економија за трета година, за изборниот предмет англиски јазик за учениците од правна насока од четврта година и за изборниот предмет историја за четврта година. За машинската струка пак, недостигаа учебници по предметите технологија на обработка за прва, втора и трета година, компјутерско моделирање и конструирање за втора и трета година и проектирање на производно-технолошки системи за четврта година.
„Наставниот кадар за да им го предаде материјалот на учениците за кои нема учебници користи содржини од старите изданија на учебници, преведува учебници од соседството и преку интерни скрипти. Учебниците што недостигаат, освен за македонски наставен јазик, ги нема ни за албански“, рече неодамна за „Независен“ директорот на ЕМУЦ „8 Септември“, Кенан Асани. Со изработката на новите учебници, најверојатно дел од недостигот на учебници ќе биде покриен.
Министерството се труди ваквите проблеми да се надминат. Министерот Адеми подвлекува дека фондот на учебници редовно се обновува, односно се дополнува согласно со информациите кои ги добиваат од училиштата на крајот од секоја учебна година. Знае дека нема учебници по дел од стручните предмети, но се надева дека од септември образовните институции ќе бидат поподготвени.
„Толку учебници колку што ќе се пријави дека се оштетени, уништени или мора да се отстранат од употреба, ние повторно ги отпечатуваме. На пример, ако училиштата пријават дека имаат зголемен број пријавени ученици во една нова учебна година, тогаш ние обезбедуваме дополнителен број комплети. Но, доколку испуштат да ни го дадат тој податок, тогаш не по наша вина, сепак нема да се обезбедат учебници од страна на Министерството за образование и наука и настанува проблем, за кој јавноста најчесто го посочува МОН. Тоа е и нормално, бидејќи перцепцијата е таква каква што е – ние сме, условно речено, директно најодговорната институција за секој проблем во областа на образованието, иако според процесот на децентрализација, не е баш така и дел од надлежностите се префрлени и на локалните самоуправи“, вели Адеми.
Според него, учебници постојано се печатат, како нови за предмети за кои досега немало, така и учебници кои постоеле, а сега само им се унапредува или коригира содржината.
„Лани коригиравме 22 учебници од основното образование по предметите математика и природни науки и тие сега имаат значително унапредена содржина. Новите законски решенија, кои се однесуваат на оваа област и се иницирани на почетокот на мојот министерски мандат, овозможуваат поедноставување на постапката за корекција на содржината во учебник, доколку биде укажано на одредена техничка или содржинска забелешка или, пак, ако потреба од дополнување нема да промени повеќе од 30 отсто од постојната содржина. Во таков случај, Педагошката служба може да ги повика издавачите или пак тие сами да предложат измена на конкретен учебник и потоа да го препечатат“, рече министерот.
Вероника Мароска-Леова