Изет Меџити го нападна Уставниот суд – бил инструмент на дневната политика
Еден од лидерите на коалицијата „Вреди“, вицепремиерот Изет Меџити, денеска го нападна Уставниот суд тврдејќи дека станал инструмент на дневната политика и дел од дестабилизациските процеси во државава. Покрај Уставниот суд во ова учествувала и опозцијата, која била деструктивна, која „секојдневно беспредметно критикува без аргументи во функција на дестабилизација и дефокусирање, не во интерес на граѓаните, туку за спас од одговорност“.
Коалицијата „Вреди“ денеска организираше настан наречен „100 дена“на владата со слоган „Преминуваме на дела“. Тоа не беше настан организиран од новата влада туку само од коалицијата „Вреди“.
Меџити вели дека во овие 100 дена имаше ротација на политичката власт, за која рече интензивно работела на спорни предмети кои ќе бидат во Обвинителството и судството, нагласувајќи „ние не сме ниту за реваншизам, ниту за моноетнички, ниту за популистички политики“.
Вицепремиерот за добро владеење и транспарентност, Арбен Фетаи, ги истакна значајните достигнувања на коалицијата, вклучувајќи ги распределбата на 100 милиони евра за општините, зголемувањето на пензиите, борбата против коцкањето, создавањето 600 нови работни места за медицински специјализанти, како и формирањето на Албанската академија.
„’Вреди’“ не е само алтернатива на ДУИ, туку е канализиран револт што има за цел да донесе посакувани промени за Албанците. Ова е можност дадена од народот и ние ќе ја одржиме оваа доверба со чест и одговорност“, рече Фетаи.
Претседателот на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, потенцираше дека Коалицијата за овие сто дена има направено значителна разлика со албанската опозиција, за која рече дека не постигна ништо цели 22 години. Вели приоритетите за иднината на „Вреди“ вклучуваат реформи во јавната администрација, енергетска транзиција и развој на човечки капитал.
Ибрахими ја нагласи потребата од иницијативата за формирањето Албанската академија на науките и рече дека е неопходен чекор за интегрирање на албанските интелектуалци и научната мисла.
Претседателот на Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами, ја критикуваше ДУИ за нејзините неуспеси, особено во областа на децентрализацијата.
„’Вреди’ е тука за да ги исправи неправдите и да обезбеди дека албанските општини ќе имаат вистинска децентрализација, а не празни ветувања“, рече Касами.
Преку видео врска од САД се вклучи и претседателот на Алијансата за Албанците и министер за здравство, Арбен Таравари, кој истакна дека албанските граѓани конечно се ослободени од 22-годишната власт.