Издавањето пасоши на Македонците им се удри од глава на „каракачановците“


Красимир Каракачанов

САД ја стресоа Бугарија, а и целиот регион. Ставањето на неколку високи бугарски  функционери на листата на санкционирани, заедно со нивните семејства, и најавувајќи заплена на имотот, САД пратија порака што ќе ги снајде сите кои мислат дека функцијата служи за корупција.

Иако се негира офиијално, листата е објавена и гласно промовирана од САД пред изборите во земјата, што е јасна порака дека му се става „јамка“ околу врат на Бојко Борисов и на неговата политичка дружина, која глумеше екстремен патриотизам за да опстане на власта. Колку и да нема такви сигнали, на некој начин оваа мерка на САД ѝ помага и на Македонија (иако е порака и до нашите функционери) бидејќи ги прави беспредметни обидите на „каракачановците“ да се вратат на следните избори.

И ова е само почеток на пресметката со корупцијата во оваа земја и последиците што ги предизвика таа. Она што е најважно е дека аферата што ја преживеа партијата на Красимир Каракачанов со издавањето бугарски пасоши кога беше на власта, се покажа како доволен повод за САД да сместат двајца од неговите функционери на листата за организирана корупција и криминал.Поранешниот претседател на Државната агенција за Бугарите во страство, Петар Харалампиев и државниот секретар во истата агенција, Красимир Томов се обвинети дека земале мито за да издаваат бугарски пасоши, особено на Македонци, при што за добра сума на некои им ги издавале – и за еден ден!  Двајцата беа уапсени во 2018 година за корупција, а судењето за нив почна во септември 2020, но беше прекинато поради пандемијата на корона вирусот. 

„Како  претседател на Државната агенција за Бугари во странство и генерален секретар на Државната агенција за Бугари во странство Харалампиев и Томов учествуваа во коруптивни активности што го нарушија владеењето на правото и доверба на бугарското општество во нивните демократски државни институции и социјални процеси, вклучително и со користење на политичкото влијание и службените овластувања за лична корист“, стои во објаснувањето од САД за Томов и Харалампиев.

Со нив, уште три лица се обвинети во Бугарија за учество во мито, трговија со влијание и за перење пари. Според обвинението поднесено до судот, од почетокот на јули 2017 година до 29 октомври 2018 година, како службено лице, Харалампиев ја предводел криминалната структура лично барајќи и лично примајќи мито за издавање потврди за бугарско потекло на странски државјани – во некои случаи експресно (дури и во рок од еден работен ден) и без законска основа.

Харалампиев вршел и притисок врз заменик-претседателот на Агенцијата да ги потпише наредбите за издавање на уверенијата и самите уверенија, како и другите акти во постапката за нивно издавање, со закани за казна и разрешување. Во обвинението, обвинителството посочува дека Томов чувал 181.930 евра, 152.770 лева, 32.250 американски долари и 15 британски фунти, односно вкупно 563.936 лева во банкарски сеф, а парите не биле пријавени. Во исто време, тој знаел дека сумата е добиена на криминален начин.

„Денешните активности ја потврдуваат нашата заложба за поддршка на владеењето на правото и зајакнување на демократските институции во Бугарија. Соединетите Држави стојат заедно со сите Бугари кои работат државата да оди напред и ќе продолжат да ги користат своите овластувања за да промовираат одговорност за корумпираните актери во регионот и на глобално ниво“, порачаа од Вашингтон објавувајќи ги мерките. (Н.В.)