Издавачот на „Волстрит џурнал“ прогласен за виновен на суд во Хонг Конг за кршење на работничките права


Суд во Хонг Конг денеска го прогласи „Дау Џонс паблишинг“, издавачот на „Волстрит џурнал“ (WSJ), за виновен за кршење на работното  законодавство бидејќи нелегално ја спречил поранешната новинарка на весникот, Селина Ченг Кар-Јуе, да се кандидира за лидерска позиција во локалното здружение на новинари, а во исто време го отфрли обвинението дека компанијата нелегално го прекинала нејзиниот работен однос.

Судот во Источен Хонг Конг утврди дека компанијата, која вработува персонал за WSJ во регионот, нелегално барала од Ченг да добие претходно одобрение за да се кандидира на изборите за лидер на Здружението на новинари на Хонг Конг во јуни 2024 година.

„Саут Чајна морнинг пост“ (SCMP) денеска објави дека главниот судија на претресот Дејвид Ченг Чи-ваи пресуди дека барањето за претходно одобрение е „погрешна и неоправдана“ примена на кодексот на однесување на компанијата.

„Единствениот неизбежен заклучок што може да се извлече од сите факти е дека обвинетиот имал намера да ја спречи Ченг да го оствари своето право на учество на изборите“, рече судијата.

Компанијата се соочува со парична казна до 100.000 хонгконшки долари (12.750 американски долари), а пресудата се очекува да биде изречена на почетокот на следната година.

Судот, исто така, го отфрли тврдењето на одбраната дека Ченг го покренала случајот од личен интерес, откако компанијата ја отфрли нејзината понуда да реши посебен граѓански случај вреден три милиони хонгконшки долари.

Ченг подоцна победи на изборите за раководство на Здружението на новинари од Хонг Конг и сега работи како новинарка-хонорарец.

Таа ја оцени пресудата како „темелна и фер за сите страни“, но ги повика властите порешително да реагираат на идните кршења на правата на работниците кога одлучуваат да се приклучат кон синдикатите.

„Сепак, би претпочитала владата да го покренеше случајот наместо мене, бидејќи малку обични работници имаат средства да поднесат приватни тужби“, рече Ченг.

Портпаролот на „Дау Џонс Паблишинг“ изјави дека компанијата не се согласува со пресудата и ќе ги разгледа следните чекори, додавајќи дека WSJ има долга историја на работење во Хонг Конг и ги почитува работничките закони и правата на вработените во земјата.

Ченг поднесе приватна кривична тужба против нејзиниот поранешен работодавач кон крајот на 2024 година, откако Министерството за труд одлучи да не постапува по нејзините жалби.

Според неа, нејзините тогашни претпоставени и одделот за човечки ресурси на „Дау Џонс Паблишинг“ ја замолиле да се откаже од својата кандидатура, со образложение дека позицијата лидер на синдикатот би била некомпатибилна со нејзината работа и дека не добила одобрение од компанијата.

Нејзиниот работен однос беше прекинат на 17 јули 2024 година, со образложение дека станува збор за реструктуирање на компанијата, што судот го прифати како можно оправдување за отпуштањето.