Изборите во Бугарија може да бидат и подоцна од 28 март


Претседателот Румен Радев на косултации со здравствените експерти

Претседателот Румен Радев бара гаранции дека гласањето ќе биде безбедно и врз основа на јасни протоколи за заштита од корона вирусот. Борисов го обвини дека сака да го одложи датумот на гласањето

 

Иако беше најавено дека изборите во Бугарија треба да се одржат на 28 март ситуацијата околу датумот изгледа се комплицира кај нашите соседи. Претседателот на државата, Румен Радев, кој според уставот ги распишува изборите, во декември најави дека гласањето веројатно ќе биде на 28 март, но не го означи тоа како дефиниран термин. Затоа што, според уставните норми, изборите може да се одржат и во април и во мај.

Радев денеска имаше консултации со највиските здравствени експерти и со министерот за здравство Костадин Ангелов, на кои се разгледани подготовките на протоколите за безбедно излегување на биралиштата. Како и за динамиката по која тече вакцинацијата. Претседателот Радев барал да му се претстават здравствените протоколи, а министерот за здравство од него побарал точен датум за изборите за да може да ја претстави динамиката на подготовките.

„Кога претседателот ќе го каже датумот ние ќе го презентираме протоколот“, изјави министерот Ангелов, како што пренесуваат бугарските медиуми. Сепак, тој нагласил дека здравствените власти и надлежните за процесот на вакцинацијата се подготвуваат како изборите да ќе бидат на 28 март.

Радев на здравствените експерти им објаснувал дека „за мене како претседател е извонредно важно да се гарантираат двете уставни права на Бугарите – правото на глас на наредните парламентарни избори и гаранциите за нивното здравје“. Во интервјуто на 20 декември за Радио Дарик, Радев рече дека не гледа никаков аргумент за одложување на изборите по 28 март, зашто никој не знае дали ситуацијата ќе биде подобра во април или мај, но неговите планови за да спречи премиерот Бојко Борисов да не добие уште еден мандат може да го пролонгираат датумот. Во својата новогодишна порака Радев жестоко ја критикуваше владата за начинот на кој се справува со пандемијата на корона вирусот и за големата корупција.

Бојко Борисов денеска веднаш одговори на двосмислените најави на Радев за време на консултациите со здравствените експерти и го обвини дека сака да го промени датумот на изборите.

„Јас сум изненаден дека претседателот зборуваше за ова прашање. Датумот на изборите беше објавен за 28 март. Ние се подготвуваме за овој датум и ги подготвуваме медицинските протоколи. Тој би требало да биде на чело на СЗО, иако и тие не знаат каква ќе биде ситуацијата. Тој сега врз основа на советите на медицинските експерти сака да го промени датумот на изборите“, рече Борисов.

Одлуката за датумот на одржувањето на изборите треба да се донесе до крајот на јануари.

Според последната анкета на агенцијата „Алфа рисрч“ само три партии од сегашниот состав на парламентот ќе го поминат прагот за влез во парламентот: ГЕРБ, социјалистите и партијата на Турците. Во идното собрание треба да влезат и три други партии кои сега се вонпарламентарни. Меѓу оние, според сегашните анкети, што нема да го поминат цензусот е и коалицијата „Обединети патриоти“ на вицепремиерот Красимир Каракачанов. (Н.В.)